Connect with us

Свет

Белата куќа: Јужна Африка ги поткопува принципите на Г20 со тоа што не го предава претседателството на САД

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп синоќа соопшти дека Јужна Африка одбива да овозможи непречен премин на претседателството на Групата 20 водечки економии (Г20), што беше предвидено да биде предадено на САД.

– Претседателот на Јужна Африка, Сирил Рамафоса инсистираше на усвојување декларација од страна на лидерите на Г20 за климатската криза и другите глобални предизвици и покрај конзистентните и силни приговори од САД, изјави портпаролката на Белата куќа, Ана Кели.

Таа додаде дека Трамп со нетрпение очекува „враќање на легитимитетот на Г20 во 2026 година, кога САД ќе го преземат претседателството“.

Портпаролот на претседателот на Јужна Африка, Сирил Рамафоса вчера изјави дека нема да му биде предадено претседателството на Г20 на САД, поради бојкотот на Самитот во Јужна Африка, односно не учеството во дискусиите.

Лидерите на земјите-членки на Г20 вчера ја прекршија традицијата усвојувајќи декларација на почетокот на Самитот. Декларациите вообичаено се усвојуваат на крајот на самитите.

Со декларацијата се апелира за „праведен и траен“ мир во Украина, Судан, Демократска Република Конго и окупираните палестински територии, потоа да се заштитат резервите на стратешките минерали и да се преземат мерки против климатските промени. Декларацијата е усвоена и покрај спротивставувањето на САД.

– Водени од целите и принципите на Повелбата на ОН ќе работиме за праведен, сеопфатен и траен мир во Судан, Демократска Република Конго, окупираните палестински територии, Украина и за прекин на другите конфликти и војни низ целиот свет, се истакнува во декларацијата.

Во документот се наведува и дека Г20 ќе се залага за подобра заштита на резервите на стратешките минерали, што се неопходни за енергетска транзиција, со оглед на геополитичките и трговските превирања.

Трамп ја обвинува Јужна Африка за дискриминација на белото малцинство. Јоханесбург ги негира обвинувањата на Трамп, а организациите за заштита на човековите права ги оценија како неосновани.

Предвидено беше следниот Самит на Г20 да се одржи во Мајами.

Г20 вклучува 19 земји, како и Европска Унија и Африканска Унија. Состанокот во Јоханесбург е првиот Самит на Г20 што се одржува во Африка. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 1