Свет
Поранешниот лидер на Реформската партија за Велс осуден на 10 години затвор за примање мито од Русија
Поранешниот лидер на Реформската партија за Велс, Натан Гил, е осуден на 10 и пол години затвор откако призна дека примил 40.000 фунти за да дава позитивни изјави за Русија во медиумите и во Европскиот парламент, објавија денеска британските медиуми.
Судијата Чема Граб изјави за време на изрекувањето на пресудата дека Гил примил пари во замена за несоодветно извршување на неговите јавни должности, објави Скај њуз.
Обвинителите тврдат дека Гил, поранешен член на Европскиот парламент, бил ангажиран во најмалку осум наврати од поранешниот украински политичар Олег Волошин за да дава изјави во замена за пари.
Еден од обвинителите, Ричард Линк, рече дека Гил давал изјави во Европскиот парламент и пишувал колумни за медиумски куќи кои „биле корисни за Русија во врска со настаните во Украина“.
Во пресудата се наведува дека прекршоците се случиле помеѓу 2018 и 2020 година.
Гил бил запрен на аеродромот во Манчестер на 13 септември 2021 година, според законите на Велика Британија за борба против тероризмот, а против него била покрената истрага минатата недела.
Тој се изјасни за виновен по осум точки од обвинението за поткуп, наведува Скај.
Неговите активности биле поврзани со давање проруски изјави за прашањето на Украина во периодот кога бил член на Европскиот парламент.
По истрагата, службениците биле наведени да веруваат дека тој примил најмалку 40.000 фунти во готово и понудил да ги наговори другите пратеници да примат поткуп.
Шефот на лондонската метрополитен полиција, Доминик Мерфи, изјави дека полициските службеници продолжуваат да истражуваат други членови на Европскиот парламент од Велика Британија.
„Она што го знаеме од разговорот со Волошин е дека Гил ги нудел своите услуги да контактира со други европратеници и да ги натера да дадат позитивни изјави за Русија и нејзините позиции во Украина“, рече Мерфи.
ноември 22, 2025

