Connect with us

Свет

Јапонија одобри огромен пакет економски стимулации за борба против инфлацијата

Јапонската Влада денеска одобри огромен пакет економски стимулации во вредност од 21,3 трилиони јени (135,5 милијарди долари), со кој премиерката Санае Такаичи настојува да го поттикне забавеното стопанство и да им даде поддршка на потрошувачите погодени од инфлацијата.

Според локалните медиуми, ова е најголемиот пакет стимулации од пандемијата на Ковид-19.

Пакетот, како што објави јавната телевизија Ен-Ејч-Кеј (NHK), се заснова на три столба: борба против растечките цени, постигнување силна економија и зајакнување на одбранбените и дипломатските капацитети.

Владата, исто така, најави дека ќе ги прошири неповратните средства за локалните самоуправи и ќе обезбеди субвенции за сметките за струја и гас. Мерките за поддршка, кои стапуваат во сила во јануари, ќе му донесат на просечното домаќинство околу 7.000 јени во текот на три месеци, а се укинуваат и даноците на бензинот.

Јапонија, покрај тоа, планира да основа десетгодишен фонд за унапредување на своите капацитети за бродоградба и да донесе мерки за зголемување на трошоците за одбрана на 2 отсто од бруто домашниот производ до фискалната 2027 година.

Владата соопшти дека „брзо ќе состави“ предлог за ребаланс на буџетот за финансирање на овие мерки и планира да го усвои до крајот на годината со помош на опозициските партии.

Владеачката Либерално-демократска партија во моментов е малцинска влада, но е во сојуз со Јапонската иновативна партија, со која има 231 од 465 места во Долниот дом на парламентот, две помалку од потребното мнозинство.

Премиерката Такаичи изјави за новинарите дека Владата ќе користи приходи за финансирање на пакетот, а секој недостиг ќе биде покриен со издавање државни обврзници. Таа нагласи дека износот на задолжување веројатно ќе биде помал од минатогодишните 42,1 трилион јени и дека „целосно е земена предвид фискалната одржливост“.

Меѓутоа, Јеспер Кол, стручен директор во токиската компанија за финансиски услуги „Монекс Груп“, за Си-Ен-Би-Си изјави дека потегот на премиерката ќе ги вознемири јапонските пазари на државни обврзници. Приносот на референтните десетгодишни јапонски обврзници веќе во четвртокот достигна 1,817%, највисоко ниво од 2008 година, за благо да се намали во петокот на 1,785%.

Кол смета дека Такаичи го исполнила изборното ветување, но фокусот е на „краткорочен и еднократен популизам“, а не на поттикнување позитивни структурни промени.

Пакетот стимулации доаѓа во време кога Јапонија се бори со инфлација која постојано ја надминува целта на централната банка.

– Мерките за поддршка на приходите и цените нудат еднократен краткорочен поттик на куповната моќ на луѓето, но нема да направат ништо за да се решат основните инфлаторни притисоци, рече Кол, додавајќи дека на економијата ѝ треба реформа на понудата, а не поттикнување на побарувачката.

Стапката на инфлација во октомври порасна на 3 отсто, останувајќи над целта на Јапонската централна банка од 2 отсто веќе 43-ти месец по ред. Дополнителна загриженост предизвикува слабиот јен, а гувернерот на централната банка, Казуо Уеда, предупреди дека тоа може да ги зголеми трошоците за увоз и цените. Министерката за финансии, Сацуки Катајама, исто така изрази загриженост поради „неодамнешните еднострани, остри движења на валутниот пазар“, сигнализирајќи можна интервенција.

Економските грижи се продлабочени и со падот на економскиот раст, со оглед на тоа што БДП во трите месеци до септември се намали за 0,4%, што е прв пад во шест квартали. Сепак, зрак оптимизам донесоа податоците за трговијата за октомври, кои покажаа раст на извозот од 3,6% на годишно ниво, надминувајќи ги очекувањата благодарение на испораките во Азија и Европа. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 2