Свет
Сикорски: Европа мора да биде консултирана за секој мировен план за Украина
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски денеска изјави дека Европа мора да биде консултирана во врска со мировните иницијативи за Украина.
Тој нагласи дека иако Европа ги поддржува мировните напори, неопходно е таа да биде вклучена во процесот на донесување одлуки.
– Ние ги предводиме мировните напори, но… секако, во прашање е безбедноста на Европа. Затоа очекуваме да бидеме консултирани, им рече Сикорски на новинарите во Брисел.
Министерот додаде дека Украина не смее да биде ограничена во својата способност да се брани, истакнувајќи дека ограничувањата треба да се применат „на агресорот, а не на жртвата“.
Изјавата следува откако во јавноста протекоа детали од мировниот план што го промовира администрацијата на Доналд Трамп. Весникот „Телеграф“ известува дека со овој план ќе се принуди Украина да се откаже од дел од своето оружје и да ѝ даде под закуп клучни територии на Русија.
Со договорот ќе се бара од Киев да ја отстапи контролата врз источниот регион Донбас, а воедно законски да го задржи сопствеништвото врз него, во замена за неоткриена закупнина од Москва, изјавија за Телеграф официјални лица запознаени со договорот.
Тоа е една од бројните отстапки што наводно се бараат од Украина, вклучително и откажување од ракети со долг дострел и намалување на бројот на воени лица за 50 отсто.
ноември 20, 2025

