Connect with us

Општини

Формирано координативно тело за основање Музеј на град Кочани

Направен е првиот  сериозен исчекор во постапката за добивање сопствен градски музеј, откако Советот на Општина Кочани на вчерашната 20. редовна седница едногласно ја усвои одлуката за формирање Координативно тело кое ќе го води процесот на подготовка и основање на оваа културна институција.

Одлуката доби поддршка од  18 присутни советници, со што започнува следната фаза од иницијативата за создавање музеј во кој ќе бидат претставени богатото историско, археолошко и културно наследство на Кочани и кочанскиот регион.

Идејата за основање градски музеј претходно беше поддржана од Советот, а формирањето на координативното тело треба да овозможи нејзина конкретна реализација.

Неговата задача ќе биде да ги разгледа можностите и да предложи соодветен модел за функционирање на идниот музеј.

Во телото се вклучени 11 членови со различни стручни профили, меѓу кои археолози, историчари, етнолози, архитекти, музичари и уметници, со цел процесот да се темели на стручни знаења и поширок пристап кон заштитата и презентацијата на културното наследство.

За координатор е назначен Венцо Бојков, а членови се Илинка Атанасова, Иле Велков, Кристина Атанасова, Александар Атанасов, Марјан Гијовски, Никола Стојов, Дени Илиов, Надица Атанасова, Аспарух Михаилов и Ана Зафирова.

Во наредниот период координативното тело треба да ги разгледа правните, просторните и организациските услови, како и да предложи конкретни решенија за воспоставување и функционирање на Музејот на град Кочани.

Со оваа одлука се отвора патот кон создавање институција која би имала значајна улога во зачувувањето на локалната историја, културниот идентитет и туристичката промоција на Кочани.

Ad
Ad