Connect with us

Политика

Партијата за движење на Турците (ТХП) одбележа 27 години од своето основање

Партијата за движење на Турците (ТХП) одбележа 27 години од своето основање со свечена гала-вечер во Скопје, настан кој обедини бројни членови, активисти и симпатизери на партијата, како и истакнати личности од политичкиот, културниот, општествениот и јавниот живот, се наведува во партиското соопштение, што МИА го пренесува интегрално.

На свеченоста присуствуваа и голем број поранешни и сегашни партиски функционери и членови кои низ годините со својата посветеност, труд и ангажман придонесувале за развојот и зајакнувањето на ТХП. Вечерта беше можност да се потсетиме на досегашниот пат на партијата, на предизвиците и постигнувањата, но и да се потврди заедничката определба за продолжување на нејзината политичка и општествена мисија.

Обраќајќи им се на присутните, претседателот на ТХП, Енес Ибрахим, истакна дека партијата во изминатите 27 години секогаш имала значајна мисија и одговорна улога во политичкиот и општествениот живот на земјата. Тој нагласи дека ТХП отсекогаш ја носела одговорноста достоинствено и доследно да ја претставува турската заедница, да ги штити нејзините права и интереси и да биде активен глас во процесите што ја обликуваат иднината на државата.

Ибрахим потенцираше дека партијата и во наредниот период ќе продолжи со истата решителност, посветеност и одговорност, останувајќи верен застапник на интересите на турската заедница. Притоа, ја истакна важноста од единството, меѓусебната доверба и континуираната борба за еднаквост, достоинство и рамноправно учество во општествените и институционалните процеси.

Свечената вечер беше збогатена со музичка програма и настапи, а прославата заврши со концерт на групата „Баклава“, создавајќи пријатна атмосфера и заокружувајќи го одбележувањето на овој значаен јубилеј.

Дваесет и седум години посветеност, истрајност и политичка одговорност претставуваат потврда за континуитетот на ТХП и нејзината определба да продолжи да работи за посилна, поправедна и порамноправна иднина за сите граѓани.

Ad
Ad