Connect with us

Вести

Newsmax Balkans Скопје: Новинарски стандарди, современа технологија и можност македонскиот став и обележја да стасаат до милиони гледачи

Една година и три месеци во земјава работи дописништвото на американската кабелска телевизија Newsmax Balkans, која засега е единствената во регионот коja емитува програма во 4K (резолуција) видео технологија, што подразбира најдобар квалитет на слика. Дописништвото во Скопје е дел од балканската мрежа на Newsmax со седиште во Белград. Од Скопје се пренесуваат најважните вести и анализи за состојбите во земјата, а се подготвуваат и тематски емисии на македонски јазик.  

Уредник на дописништвото во Скопје е новинарот Предраг Кукиќ, кој работи заедно со уредникот и новинар Драган Милосављевиќ и новинарките/репортерки Адријана Алексиеска и Кристина Алексиеска, и неколкумина сниматели, тон мајстори, монтажери и друг персонал. 

Newmax Balkans со седиште во Белград засега има дописништва во Скопје, Тирана, Подгорица, Сараево, Бања Лука, Берлин, Киев… Во Варшава има телевизија со 130 вработени, а во наредните месеци се очекува телевизии да бидат отворени и во Германија и во Италија.  

-Планот е во секоја европска држава во наредниве две до три години да има или телевизија или дописништво. Ние засега сме дел од дописната мрежа, меѓутоа плановите во блиска иднина се да станеме телевизија – најавува Кукиќ во разговор за МИА. 

Оваа млада и амбициозна екипа ги пласира најважните вести и анализи за Македонија, а дополнителен мотив им е тоа што можат да работат во студио со најсовремена опрема согласно сите светски стандарди.  

– Newsmax e прва 4К телевизија што подразбира многу поскапа опрема од таа што ја имаат останатите телевизии, поскапи камери, поскапа режија, а тоа повлекува многу повеќе средства и за одржување и за осигурување и секако тука е квалификуваниот кадар кој мора да го пронајдеш за да работи со таа опрема – нагласува Кукиќ.

Во Европа, додава тој, има само неколку телевизии што имаат 4К технологија, додека во САД речиси секоја телевизија е со оваа технологија.  

Промената на власта во Србија по неодамнешните избори, според него, не може да има влијание на работата на Newsmax Balkans затоа што се работи за американска телевизија која се емитува во цела Европа. 

– Нашето седиште е во Србија, но тамошните случувања нема да се рефлектираат никако на нас – смета Кукиќ. 

Новинарите прават прилози и емисии од Македонија, но, додава тој, прават и нашите колеги од другите држави. 

-Преку компаративен метод можеме да видиме која држава до каде е стигната, која држава има најдобри услови за живот, дали од економски аспект, од секој аспект – вели Кукиќ. 

Се работи согласно сите новинарски стандарди, со факти и користејќи официјални извори и податоци. 

– Во сите прилози и анализи секогаш користиме официјални податоци на коишто ги базираме нашите истражувања. Newsmax Balkans програмата од Македонија не е само за Македонија, значи ние немаме два милиони публика, ние имаме дваесет милиони публика, а тоа се сите држави од поранешна Југославија – вели Кукиќ. 

Какво и да имаме мислење за нас како држава, додава тој, „можам слободно да кажам дека Македонија не заостанува зад ниту една друга држава освен во оној техничкиот дел каде што нашите медиуми се поназад“.

– Меѓутоа од човечки аспект не заостануваме – вели Кукиќ. 

Планот е, додава уредникот на дописништвото во Скопје, редакцијата кај нас да се зголеми во следните година и половина. 

Содржините што се емитуваат на Newsmax Balkans, вклучувајќи ја и Македонија, претежно се од информативен карактер надополнето со издржани анализи, главно економски иако има и политички. Се известува за сите позначајни настани од сите области – образование, спорт, култура, економија, политика, здравство… 

Содржини од Македонија се пласираат во утринската програма, во централните вести во 12, во 15, во 18 и во 11 часот. Во емисијата „Прозорците на Балканот“ (Прозори Балкана) се прикажуваат видеозаписи од земјите од регионот и се претставуваат нивни највпечатливи обележја и карактеристики. Во сабота гледачите можат да ја проследат емисијата „Перспектива“ со Драган Миљосавњевиќ, во која се обработуваат актуелни општествено-политички, економски и технолошки теми со бројни гости од јавниот живот и политичката сцена.

Кукиќ вели дека од досегашното искуството поврзано со вестите од Македонија, нашите сограѓани од регионот најмногу ги интересираат судските процеси поврзани со трагедијата во Кочани, во која во пожар загинаа 63 лица. 

– Тоа е една од работите кои најмногу се гледа. Потоа сите оние полициски акции особено за заплена на дрога, оние поголеми колични и случувањата со Бугарија поврзани со промената на Уставот и ветото – нагласува Кукиќ. 

Она што исто така е интересно за гледачите се турстичките можности во Македонија, како една од земјите со поголем потенцијал. 

-Во однос на туризмот, известуваме за зголемениот број на туристи, летови и патници. Снимавме насекаде низ Македонија, ама најмногу во Скопје и во Охрид, бидејќи најголем дел од туристите се таму, вклучително и скопскиот и охридскиот аеродром – вели Кукиќ. 

Економските анализи во периодов се посветени на она што најмногу го потресува регионот, додава тој, а тоа е енергетската криза односно цените на нафтените деривати и цените на електричната енергија и гасот. 

– Гасот не се користи толку кај нас, но Македонија ќе стане трансферзала па ќе станеме многу поголеми играчи отколку сега. Тоа е нешто што секојдневно го пренесуваме. На неделна база до каде е изградбата на гасоводото од Грција кон Србија, изградбата на коридорите и пред се, железничкиот коридор којшто е многу важен за земјите на север – потенцира Кукиќ.   

Објаснува дека емисиите од студиото во Скопје се на македонски јазик, додека нивните колеги го користат српскиот јазик и затоа е потребен титл. – Ние мораме да снимиме порано, што побрзо да измонтираме, мораме да бидеме подобри и побрзи од нашите колеги од другите држави за да се заврши преводот, да се постави преводот и во ист временски интервал сите ги испраќаме емисиите – рече Кукиќ.  

Програмата на Newsmax Balkans може да се следи на сите телевизиски оператори во земјата. 

Newsmax Balkans по гледаност во Србија е во првите три телевизии од информативен карактер. 

Ad
Ad