Connect with us

Општини

Гоцевски со убедлива победа во Делчево, најави работа „посветено, одговорно и заедно“

Иван Гоцевски од ВМРО-ДПМНЕ е новиот градоначалник на Делчево, по убедливата победа на локалните избори одржани вчера. Тој освои 5187 гласови, наспроти 1765 гласови за кандидатот на СДСМ и коалицијата, Дејан Глинџарски.

Во изборите за нов состав на Советот на општина Делчево, ВМРО-ДПМНЕ освои 4269 гласови, а СДСМ 1532. Со тоа, ВМРО-ДПМНЕ ќе има апсолутно мнозинство со 10 советници, СДСМ ќе има тројца, а со по еден советник ќе бидат застапени Левица со 596 гласови и ЗНАМ со 398 гласови.

Во Делчево, од вкупно 14.503 евидентирани гласачи, на локалните избори излегле 7364 гласачи.

Во своето обраќање пред граѓаните, Гоцевски изрази искрена благодарност за довербата и ја нагласи важноста на заедништвото во развојот на градот.

-Денес ми е голема чест и привилегија, но и голема одговорност. Како новоизбран градоначалник, сакам најискрено да изразам огромна благодарност и почит за позитивната кампања која ја водевме во изминатите 20 дена. Денес Делчево покажа дека има капацитет на европско ниво, капацитет што ќе го развиваме и унапредуваме, изјави Гоцевски.

Тој ја истакна посветеноста на својот тим и се заблагодари на сите членови на партијата и поддржувачите кои, како што рече, неуморно работеле за резултатот што го постигнаа.

-Оваа победа е за сите делчевчани, за сите што живеат овде, за оние што се иселени низ светот, и за оние што веќе не се меѓу нас. Заедно со мојот тим од искрени и чесни професионалци ќе работиме на реализација на програмата „Го Сакам Делчево и концептот 800+“, порача новиот градоначалник.

Гоцевски додаде дека мнозинството што ВМРО-ДПМНЕ ќе го има во Советот ќе овозможи поефикасно реализирање на проектите предвидени во програмата.

-Од ноември, кога официјално ќе започне мандатот, ќе работиме посветено, одговорно и заедно за остварување на целите на Делчево, истакна Гоцевски.