Општини
Одрон на карпа на регионален пат кон Градско, нема повредени

Голема карпа, тешка неколку тони, вечерва се одрони поради обилните дождови од насипот во месноста Долни Дуќани и падна директно на улицата „Димко Најдов“, која е дел од регионалниот пат R-1102 кон Градско.
Иако во моментот на одронот на местото имало пешаци и автомобили, за среќа нема повредени или загинати, потврди за МИА портпаролката на СВР Велес, Биљана Ѓаковска.
Полицијата била повикана веднаш околу 17 часот, а нивни сообраќајни екипи го регулирале сообраќајот и движењето на пешаците по една коловозна лента до околу 20 часот, кога карпата била целосно отстранета.
На терен, покрај СВР Велес, интервенирале и екипи од ЈКП „Дервен“ со трактор, кои ги расчистувале поситните одрони. Поради големината и тежината на карпата, дополнително била повикана и механизација – скипер багер од ЈП „Македонија Пат“, кој ја отстранил карпата околу 20 часот.
При расчистувањето, паднала и една жица од бандера за улично осветлување, која висела над патот.
Екипата на ЈКП „Дервен“ на увид посочила дека на истиот потег има повеќе надвиснати карпи и големо дрво со откорнати корења, кои претставуваат сериозна опасност за нови одрони. Бидејќи улицата е дел од фреквентен регионален пат, се апелира до локалната власт итно да постави заштитна мрежа за превенција од евентуална трагедија.
Дополнително, се препорачува полицијата да постави соодветни сообраќајни знаци за предупредување на возачите и пешаците за можни нови одрони на карпи и дрвја над самата улица.
октомври 18, 2025