Општини
Леви: 7 октомври не е само датум, туку потсетник на болката, храброста и отпорноста на нашиот народ

На 14.10.2025 г. Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија одржаа комеморација по повод втората годишнина од масакрот на 7 октомври 2023 година, ден кој остана запаметен како еден од најтрагичните во поновата историја на еврејскиот народ и на државата Израел.
Настанот се одржа во синагогата „Бет Јаков“ и во просториите на Еврејската заедница во Скопје, во дух на сеќавање, солидарност и надеж. Присутните им оддадоа почит на сите жртви и ја изразија поддршката за заложбите за мир и безбедност во Израел.
Во своето обраќање, претседателот на Еврејската заедница, г. Пепо Леви, истакна дека оваа година комеморацијата се одржува во момент на надеж — по потпишувањето на мировната спогодба и ослободувањето на дел од заложниците.
-7 октомври не е само датум, туку потсетник на болката, храброста и отпорноста на нашиот народ. Денес се сеќаваме, но и веруваме дека мирот конечно започна,“ рече Леви.
Во програмата беа прикажани видео-пораки од претседателот на Израел, Исаак Херцог, и амбасадорката на Израел во Македонија, Вивиен Леви, како и краткометражен филм со сведоштво за преживеаните од нападот. Настанот заврши со песната „Ели, Ели“- Господе, Господе, во изведба на Хелена Суша.
Еврејската заедница во Македонија верува дека сеќавањето на 7 октомври останува трајна порака за мир, човечност и одговорност, и изразува надеж дека медиумите ќе го споделат духот на овој настан со јавноста, за да се зачува вистината и споменот на жртвите.
октомври 15, 2025