Општини
Стопанската комора на Северозападна Македонија со поддршка за Менди Ќира за градоначалник на Струга

Стопанската комора на Северозападна Македонија ја дава целосно својата поддршка за независниот кандидат за градоначалник на Општина Струга Менди Ќира, истакна денеска по средбата претседателот на Комората, Нухи Алиу.
По средбата со Ќира, кој претходно беше прв човек на Комората, информира дека имале блиска комуникација и оти Ќира како претседател оставил позитивни траги за развој на институцијата.
– Ќира имаше многу проекти и иницијативи, со кои се гордееме во периодот кога беше претседател. Јас бев потпретседател затоа сум запознаен со секоја иницијатива и лобирање со институциите. Мислам дека го направил најдоброто за СКСЗМ. Не се сомневам дека ќе го направи и во Општина Струга, затоа што човекот има менаџерски способности и апсолутно од нашата комора доби поддршка дека ние ќе соработуваме од моментот кога ќе ги преземе ингеренциите во Општина Струга, како градоначалник, рече Алиу.
Потсети дека во време на претседателствувањето на Ќира со иницијатива до Уставниот суд го добиле случајот со солидарен данок, а помогнал и во лобирање за поврат на ДДВ.
– Мислиме дека тоа здраво менаџерство ќе го покаже и во Општина Струга. Сметаме дека треба да победи уште во првиот круг. Стружани ги знаат делата на Менди Ќира и ќе го наградат со една голема победа, истакна Алиу.
Кандидатот за градоначалник на Струга, пак посочи дека во неговата програма биле внесени и дел од предлозите од Комората, а денеска му биле посочени и нови.
– Имаше барање од Комората да имаме повеќе внимание за стопанството, за микро и малите компании кои се во тешка состојба. Како иден градоначалник имам предвид и имам предвиден буџет за компаниите кои не се во можност да ги надминат проблемите, истакна Ќира.
Било разговарано и за соработка со компанија за рециклирање отпад, со која ќе склучел договор по стапување на функцијата градоначалник. Комората побарала од него транспарентност, почитување на законот, пристап до администрацијата за стопанствениците, носење детални урбанистички планови, издавање одобренија и брзо доаѓање до потребните документи.
октомври 15, 2025