Општини
Николоски: Владата издвои околу 500 илјади евра за изградба на улици во Росоман, но досегашниот градоначалник ја нема почнато постапката за тоа

Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, се осврна и на поддршката којашто Владата ја дава на локалните единици, а во случајот со општина Росоман кажа дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, издвои 31,5 милиони денари, или околу 500 илјади евра за изградба на улици во Росоман, меѓутоа досегашниот градоначалник ја нема почнато постапката за истото.
– Тоа ќе остане наследство за новиот градоначалник, којшто ова ќе го реализира и заеднички ќе работиме и на бројни други проекти коишто ќе ги реализираме во општината, рече Николоски.
Тој зборуваше и за експресниот пат, кој беше пуштен годинава, а истакна дека веќе се работи на два проекти, заедно со ЈП Државни патишта.
– Успеавме на почетокот на оваа година да го пуштиме и експресниот пат, првата фаза којашто одеше од Градско до Дреново и втората од Дреново до Фариш. Тука е директорот на ЈП „Државни патишта“ и сакам да најавам дека со него веќе работиме на два проекти. Спојот со село Сирково, тоа сме го ветиле и тоа ќе го реализираме, и второто е проширување на спојот помеѓу Росоман и експресниот пат. Има еден спој, но тој треба да се прошири и да стане еден убав модерен пат, којшто го спојува Росоман со експресниот пат и на тој начин да се стига побрзо и до Скопје, но и до Прилеп, до Битола и Росоман да има многу поголема корист од самиот експресен пат, околу којшто може да се развие и цела индустриска зона“, подвлече Николоски.
Мислам, рече, дека треба сериозно да работиме со новиот градоначалник на формирање на една индустриска зона, каде што ќе можат компаниите да вложуваат, а сигурен сум дека интересот ќе биде голем.
Кандидатот за градоначалник на општина Росоман, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓи Крстевски, на денешниот митинг најави бројни проекти, како реконструкција на патиштата, на стадионот и проширување на сите локални патишта.
– Ќе воведеме проект зелена општина Росоман. Нема да има повеќе дечиња на листата на чекање во детската градинка, ќе ги прошириме урбанистичките опфати на населените места и ќе изработиме нови урбанистички планови. Ќе ги реконструираме полските патишта во сите населени места, ќе воведеме бесплатни саеми за земјоделците од општина Росоман со посета на регионалните саеми во Нови Сад, Пловдив и Солун, најави Крстевски.
Тој истакна дека ќе се реконструира стадионот, ќе се проектира нов локален пат од Росоман до Крушевица и многу други проекти во областа на образованието, спортот и културата.
Притоа најави проширување на сите локални патишта до населените места, финансиски стабилно и современо јавно комунално претпријатие со нова зграда и зголемена плата за вработените. Модерно и современо образование. Поставување на надзорни камери и отворање на полициско одделение во соработка со МВР, модерен и атрактивен локален туризам, развој на спортот и културата.
октомври 14, 2025