Connect with us

Ракомет

Крсманчиќ ги засили редовите на ГРК Охрид

По обезбедениот пласман во третата рунда од ЕХФ Европскиот куп македонскиот ракометен суперлигаш ГРК Охрид продолжи со засилувањата. Српскиот интернационалец Младен Крсманчиќ ќе биде дел од „Гладијаторите“ минимум следните 8 месеци. Крсманчиќ има 33 години и игра на позицијата среден бек.

Крсманчиќ претходната сезона имаше одлични настапи за Вардар 1961, а пред тоа настапувал за Чургу (Унгарија), Анаитасуна (Шпанија) како и за српските екипи Југовиќ, Слога и Железничар. Искусниот среден бек има настапи за репрезентацијата на Србија за сениорскиот тим и сите младински категории.

–  Мило ми е што станав дел од ГРК Охрид во моментот кога амбициите на клубот растат. Многу ми се допаѓа визијата на клубот и ќе дадам се од себе да ја оправдам довербата која ми е пружена. Се надевам во наредниот период РК Охрид ќе испише историски успеси и во домашното првенство и на европската сцена како би ги израдувале нашите навивачи, изјави Крсманчиќ.

ГРК Охрид во моментов по седум одиграни натпревари во Супер лигата се наоѓа на четвртото место со 9 бодови, колку што имаат првакот Еурофарм Пелистер и Бутел.