Општини
Касами: Во наредните четири години вкупната вредност на инвестициите во спортот ќе ја надмине сумата од 16 милиони евра

Тетовскиот градоначалник Биљал Касами денеска од градскиот стадион во Тетово најави дека во вториот мандат ќе се работи на завршување на неговата реконструкција, како и на спортскиот комплекс со повеќе терени.
Тој се запозна со динамиката на работите при изградбата на новата трибина спроти главната, а во тек е уривање на една трибина зад голот на левата страна.
-Со предвидената инвестиција за негова целосна реконструкција, наскоро Градскиот стадион ќе стане современ дом на европскиот фудбал. Покрај тоа, ќе се изгради и вистински спортски комплекс со два големи фудбалски терени – еден со природна и еден со вештачка трева – со модерни трибини за навивачите, како и мултифункционален терен за младите.Важен дел од овој проект е и изградбата на помошен објект за тетовските фудбалски екипи, кој целосно ќе ги исполнува стандардите на Фудбалската федерација на Македонија. Во рамките на истиот проект е предвидена и изградба на нов стадион за голем фудбал во селото Сараќино, истакна Касами на денешната прес-конференција.
Според него, во сите основни и средни училишта кои располагаат со доволно простор ќе се изградат отворени мултифункционални спортски терени.
-Ќе се изградат и шест нови спортски сали – и тоа во Основното училиште „Наим Фрашери“, во Основното училиште „Рилиндја“ во село Селце, во Основното училиште „Братство – Миѓени“, во Основното училиште „Истикбал“, во Основното училиште „Кирил и Методиј“, како и во Основното училиште „Скендербег“ во село Џепчиште, истакна Касами.
Според тетовскиот градоначалник само во наредните четири години, вкупната вредност на инвестициите во спортот ќе ја надмине сумата од 16 милиони евра.
октомври 14, 2025