Connect with us

Општини

Сарамандов: Во Гевгелија ќе се реализираат две големи инвестиции кои ќе овозможат над 500 нови вработувања

Андон Сарамандов, кандидат за градоначалник за општина „Гевгелија“ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, се обрати и ги истакна реализираните проекти за неговиот четиригодишен мандат, од областа на комуналната, патната инфраструктура, проекти за заштита на животната средина, образованието, спортот, културата.

„Горд сум што Гевгелија се развива во успешна, модерна и урбана заедница. Реализиравме повеќе капитални проекти од областа на комуналната и патната инфраструктура, проекти за заштитата на животната средина, образованието, туризмот, спортот и културата. Горд сум што во тек на реализација се две инвестиции во Гевгелија, кои во наредниот период ќе овозможат над 500 нови вработувања, горд сум што Гевгелија се развива во успешна, модерна и урбана заедница. А, со макотрпна работа успеавме да ги реализираме ветувањата на кои се обврзавме пред нашите сограѓани во 2021 година“, истакна Сарамандов.

Во врска со изборната програма Сарамандов истакна дека таа е јасна, конкретна и гарантира развој на општина Гевгелија, и наброи дел од приоритетните проекти за наредните четири години.

„Таа е реална, јасна, конкретна и гарантира развој на општина Гевгелија. Заедно со членовите на Советот ќе ги реализираме ветувањата за доброто на сите наши сограѓани. Секундарен влез и излез во градот преку улицата „Борис Кидрич“, реконструкција на улицата „Маршал Тито“, изградба на Кеј на Вардар, изградба Нов „Парк на Мирот“ на потегот кај Сува Река, нов фудбалски стадион во урбан блок 5 – „Касарна“, Модерен Градски Плоштад. Во програмата се обврзуваме и на други суштествени проекти за нашите сограѓани кои ќе ги реализираме во наредниот период. Реконструкција и проширување на патниот правец Динќут – Горничет, реконструкција на Пионерски дом во Гевгелија, изградба на трета фаза од каналот Рауљ, изградба на подземни контејнери во централното градско подрачје, реконструкција и целосна обнова на младинскиот дом во Миравци, изградба на фекален колекторски систем со пречистителна станица во Негорци“, посочи Сарамандов.

На крај Сарамандов ги повика граѓаните да го направат вистинскиот избор, да гласаат за број 9, за нови проекти, напредок, и сигурност во општина Гевгелија.

„Мои гевгеличани, време е за вистинската одлука, време е за нови проекти и уште повеќе резултати. Да избереме напредок, сигурност и посветеност. Ве повикувам на 19 октомври масовно да излезете и да гласате за број 9 за Советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“!, дециден е Сарамандов.