Општини
Во четвртиот квартал годинава ќе биде објавен ИПАРД повикот за инвестиции во основни средства за преработка
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство известува дека во последниот квартал од тековната година ќе биде распишан Јавниот оглас за искористување на финансиски средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и пласман на земјоделски и рибни производи”.
“Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.”
Мерката 3 нуди финансиска помош за модернизација на капацитетите за преработка, инвестиции во обработка и пласман на земјоделски и рибни артикли, како и хармонизација со европските прописи.
Преку оваа мерка се поттикнува зајакнувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целост, истакнуваат од МЗШВ.
Финансиските ресурси за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги охрабрува сите заинтересирани да започнат со благовремена подготовка на неопходната документација и редовно да ги следат официјалните соопштенија на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
октомври 10, 2025

