Општини
Амбасадорот на Полска ја отвори Универзитетска програма за изучување на холокаустот
На Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) беше означен почетокот на Третата универзитетска програма за изучување на холокаустот.
-Во рамките на свеченото отворање, покрај продеканот на Факултетот, проф. д-р Драган Гоцевски, и раководителот на Универзитетската програма, проф. д-р Мишо Докмановиќ, се обрати и амбасадорот на Република Полска, Мариуш Бримора. Тој зборуваше за полските искуства во врска со сеќавањето на холокаустот, а одговараше и на прашања на студентите, соопшти Правниот факултет.
Програмата се реализира трета година по ред и опфаќа можност за изучување на шест курсеви поврзани со историјата на холокаустот. Курсевите се отворени за сите студенти на УКИМ, а оваа година ќе ги следат рекорден број 88 студенти во зимскиот семестар.
Курсевите се реализираат со поддршка на Claims conference New York (Конференција за еврејските материјални побарувања од Германија) и германското министерство за финансии.
-Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е еден од десетината водечки европски универзитети на кои се реализира оваа програма, се наведува во соопштението.
октомври 10, 2025

