Општини
Тодоров од „Сакам живот во Кочани“ најави повеќе проекти за заштита од пожари

Независниот кандидат за градоначалник на Општина Кочани, Зоран Тодоров, на прес конференција им се обрати на граѓаните зборувајќи за заштитата од пожари, тема што, рече, е дел од неговата и од програмата на неговата независна советничка листа, која настапува на локалните избори со идејата „Сакам живот во Кочани“.
– На темата противпожарна заштита имаме сеопфатни решенија, план и програма. Како прво, а дел од проектот „Безбеден град“, поставување сензори против пожар во сите јавни објекти и на места кои се клучни и кадешто очекуваме и е можно да се појави пожар. Не само во објектите туку и во околината на градот да се постават термални камери што ќе имаат автоматско алармирање за почеток на пожар и ќе може да се алармира кај пожарникарите, нагласи Тодоров пред новинарите.
Потоа, тој најави формирање Регионален центар за тренинг на пожарникари, обезбедување адекватни услови за заштита од пожар во сите училишта, со сензори хидранти и се што е потребно децата да бидат безбедни. Предлага во училиштата да се воведе предмет преку кој учениците ќе се запознаат со начинот на справување со пожари.
Според него, потребно е да се набават дронови кои ќе детектираат пожари, да се зголеми капацитетот на противпожарната единица со вработување по двајца пожарникари од соседните општини и тие општините да ги плаќаат новите пожарникари.
-На адекватен начин ќе соработуваме со сите фондови, фондации и странски партнери за набавка на нови возила, опрема и иновативни решенија заедно со нашите пожарникари херои, порача на денешната прес – конференција, Зоран Тодоров, независен кандидат за градоначалник на Кочани.
октомври 9, 2025