Connect with us

Општини

Министерството за животна средина ќе додели финансиски средства на националните паркови „Шар Планина“ и „Пелистер“

По предлог на првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, Владата на денешната седница ја усвоила одлуката за доделување финансиски средства на двата национални парка „Шар Планина“ и „Пелистер“, кои со години се соочуваат со финансиски предизвици.

Како што информираат од МЖСПП, целта на доделувањето на средствата е зајакнување на институционалните капацитети и одржлив развој на овие заштитени подрачја.

-Врз основа на доставените барања од двете јавни претпријатија, Владата одлучи со ребалансот на Буџетот за 2025 година да додели 10 милиони денари за ЈП „Шар Планина“ и 12,6 милиони денари за ЈП „Пелистер“, во форма на капитални субвенции за јавни претпријатија. Овие средства ќе бидат искористени за поддршка на обврските кон вработените и  изведувачите на овие паркови, набавка на современа опрема за краткорочна прогноза и мониторинг на ризици од шумски пожари и поплави, како и за имплементација на иновативни техники за заштита и подготвеност на граѓаните во рамки на проектот PREVENT од програмата IPA 2, посочуваат од Министерството.

Со оваа финансиска поддршка, Министерството за животна средина и просторно планирање има за цел да го зајакне одржливото управување со националните паркови, да го поттикне развојот на еко-туризмот и да ја подобри заштитата на природното наследство и биодиверзитетот во овие подрачја од посебно национално значење.

-Националните паркови имаат особено значење за државата, бидејќи континуирано спроведуваат активности за заштита на природата, одржливо управување и развој на еко-туризмот. Тие се меѓу најважните туристички дестинации во земјата, каде се реализираат проекти за подобрување на инфраструктурата, еколошко образование и промоција на природното наследство, се вели во соопштението на Министертвото за животна средина.