Connect with us

Општини

Јовановски: Приоритет ми е отстранување на дивата депонија од градското јадро и создавање на станица за селектиран и рециклиран отпад

Александар Јовановски, кандидат за градоначалник за општина „Кичево“ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, се обрати и на самиот почеток ги укажа тешките услови за живеење во Кичево и тоа во секој сегмент, чистотата, сигурноста, економската стабилност, образованието токму поради негрижата и несоодветното владеење на актуелниот градоначалник.

„За жал изминативе 12 години имаме градоначалник што не само што не постигна да биде градски татко, туку напротив го зави градот Кичево во темнина. Грижејќи се само за сопствени интереси и интереси на една мала група околу него, градот го доведе во состојба на колапс на комуналните служби, тотална нефункционалност на општинската администрација и партизација и национализам во сите пори на градот во најлошата смисла на зборот. Сами воочувате дека со вашите националистички дејства и негрижа за основните проблеми на граѓаните како што  е чистотата, сигурноста, економската стабилност, образованието доведовте до егзодус на граѓаните од сите етнички, верски и политички провениенции“, истакна Јовановски.

Јовановски наброи дел од проектите на изборната програма.

„Во мојата програма може да видите проекти за итно отстранување на дивата депонија од градското јадро и создавање на претоварна станица за селектиран и рециклиран отпад надвор од градската средина, имам хумано решение за глутниците кучиња скитници кои ќе ги згрижиме и чуваме на најсоодветна локација и на најхуман начин. Ќе ја изградам конечно канализацијата во Зајас и Другово, ќе го решам проблемот со водоснабдувањето во Србјани, М.Доленци и Ново село и секаде каде што има вакви комунални проблеми. Најитно ќе пристапам кон изградба и реконструкција на патишта во селата каде што е алармантно“, дециден е Јовановски.

На крајот, Јовановски упати порака до членовите на сите политички партии, со цел да ги остават поделбите и разликите на страна, и ги повика граѓаните да го заокружат бројот 9.

„Оставете ги поделбите и разликите на страна, не дозволувајте да ве управуваат лоши лидери, луѓе кои не живеат во Кичево и не знаат со што се соочуваме ние овде изминатите години. Излезете на 19 октомври и гласајте за бројот “, рече Јовановски.