Фудбал
Во Битола без голови и по еден бод за Пелистер и Шкендија

Вечерва во Битола се комплетираше 9-тото коло во првата лига со натпреварот меѓу Пелистер и актуелниот шампион Шкендија.
Битолчани одолеаја на нападите на гостите од Тетово кои настапија без македонскиот репрезентативец Решат Рамадани, голманот Бабукар Гаје кој замина со репрезентацијата на Гамбија, како и новопечениот албански репрезентативец Клисман Цаке. Натпреварот заврши без голови, 0:0, а врнеше и дожд.
За Пелистер ова е прв освоен бод по 5 последователни порази, а тежината му е многу поголема со оглед на тоа што е освоен против актуелниот шампион и учесник во Конференциската лига на УЕФА. Токму поради настапот на Шкендија против Рајо Ваљекано во Мадрид во четвртокот, овој натпревар беше закажан за денеска, иако почна репрезентативната пауза.
Со овој бод Шкендија ја прекина серијата од три победи, а врвот ѝ го предаде на Струга. Тетовчани сега со 21 бод се на делба на 2. и 3. место со скопски Вардар, два помалку од лидерот.
октомври 7, 2025