Скопје
Меџити при презентирањето на Мастер планот: Чаир ќе има план за развој за следните децении

Кандидатот на коалицијата ВЛЕН за градоначалник на општина Чаир, Изет
Меџити, денеска го презентираше сеопфатниот Мастер план за урбан и
економски развој на Чаир, изработен од тим професионалци од Турција, под
водство на познатиот експерт за урбанизам, Бајрам Вардар, и во соработка
со домашни експерти.
Говорејќи за значењето на овој стратешки документ, Меџити истакна дека
идејата била Вардар да го имплементира Мастер планот во Чаир на ист
начин како што постапувал во градовите каде што работел, бидејќи
проблемите и менталитетот се речиси исти.
„Бајрам Вардар е школуван на Факултетот за Архитектура и бил дел од
тимот на Ердоган. Во Бурса бил втор човек во општината и раководел со
секторот за урбанизам. Идејата беше проблемите и менталитетот да се
слични, па затоа позитивните примери од таму да ги примениме и во Чаир.
Овој Мастер план е изработен за да служи за следните децении и е целосно
во согласност со Законот за градежништво и со новиот ГПЈУ на Скопје.
Новиот градоначалник ќе треба да работи со девет општини, а Чаир овој
план ќе го има подготвен од Бајрам“, рече Меџити.
Според него, Мастер планот опфаќа деталена визија во седум клучни
области: сообраќај, паркинзи, културен живот, културното наследство,
туризам, образование и млади.
Во делот на сообраќајот, Меџити најави проширување на постојните улици и
изградба на нови булевари како продолжение на проектите „Словенија“ и
„Босна и Херцеговина“, со планирање на новите булевари „Хрватска“ и
„Црна Гора“, кои ќе формираат прстен-поврзување меѓу Бутел, Гази Баба,
Карпош и Ѓорче Петров, со што значително ќе се растовари сообраќајот во
Чаир.
Друг значаен елемент е проектот за 5.000 нови паркинг места, почнувајќи
од плоштадот „Скендербег“, каде што капацитетот од 400 возила ќе се
дуплира на 800.
Во областа на туризмот и културното наследство, Меџити истакна потребата
за валоризација на Старата Чаршија и Музејот на Чаршијата, со цел ова
подрачје да стане најатрактивна зона на градот и одржлив извор на
приходи за општината.
Архитектот Бајрам Вардар нагласи дека овој Мастер план е изграден врз
најнапредните искуства од урбаното планирање на современи градови, при
што се почитува историскиот и социјалниот карактер на Чаир. Тој подвлече
дека целта не е само физичко уредување на просторот, туку создавање на
рамнотежа помеѓу развојот, наследството и квалитетот на животот на
граѓаните.