Connect with us

Вести

Уапсен 38-годишен скопјанец за убиството кај Смилковци, го појаснил начинот на извршување на делото

Триесет и осумгодишниот Б.Ј. од Скопје е уапсен под сомнение за убиство на 38-годишниот Ш.Е. од селото Љубин, чие безживотно тело беше пронајдено на 21 ноември на обиколницата „Мајка Тереза“, во близина на селото Смилковци.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека осомничениот бил приведен вчера, по преземени оперативно-тактички мерки од страна на полициски службеници од Единицата за насилен криминал-Одделение за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје.

– Лицето е лишено од слобода, во врска со кривично правниот настан од 21 ноември, кога по претходна пријава во СВР Скопје, на обиколница „Мајка Тереза“ во близина на село Смилковци, скопско пронајдено беше лице без знаци на живот, а полициски службеници од СВР Скопје утврдија дека лицето е Ш.Е.(38) од село Љубин, скопско, при што беше забележана прострелна повреда во пределот на ногата. Во близина на телото беше пронајдено и патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, кое претходно го управувал – велат од МВР.

Од МВР соопштуваат дека со Б.Ј. бил извршен службен разговор, при што тој го појаснил начинот на извршување на кривичното дело.

По целосно документирање на случајот, денеска, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, против осомничениот е поднесена кривична пријава по брза постапка за кривично дело „убиство“.

Ad
Ad