Култура
Заврши меѓународната научна конференција „Свети места низ времето: Археологија, ритуал, религија“
Заврши меѓународната научна конференција „Свети места низ времето: Археологија, ритуал, религија“ (Sacred Spaces Through Time – Archaeology, Ritual and Religion) што ја организираше Националната установа Музеј Куманово.
Меѓународната научна конференција, посветена на истражувањето на светите простори, археологијата, ритуалите и религијата низ различни историски периоди беше дел од програмата за одбележување на 25-годишнината од откривањето и научната афирмација на мегалитската опсерваторија Кокино, а се одржа во спомен на археологот Јовица Станковски, чиј професионален и научен придонес остави значајна трага во истражувањето и промоцијата на културното наследство.
Во текот на трите конференциски дена беа презентирани вкупно 31 научно излагање од страна на истражувачи и научни работници од Македонија, Србија, Косово, Бугарија, Грција, Словенија, Италија, Франција и Соединетите Американски Држави. Разновидноста на научните теми, плодните дискусии и размената на истражувачки искуства придонесоа за продлабочување на меѓународната научна соработка и отворање нови перспективи во проучувањето на археолошкото, духовното и културното наследство. Конференцијата привлече значително внимание и интерес од бројни посетители и колеги, кои со своето присуство придонесоа за создавање пријатна академска атмосфера и поттикнување на понатамошни професионални контакти и соработки – наведуваат од НУ Музеј.
Како продолжение на конференциските активности, видео-снимките од научните излагања наскоро ќе бидат достапни на официјалниот YouTube-канал, додека во текот на 2027 година е планирана подготовка и објавување на зборникот на научни трудови, со што ќе се обезбеди трајна достапност на презентираните истражувања и научни сознанија.
ноември 27, 2026


