Забава
(Видео) Индиски политичар направи свадба со 400 000 гости за својата ќерка
Во индиската сојузна држава Бихар се одржа свадбена прослава од рекордни размери. Според индиските медиуми, на раскошната свадба на ќерката на еден политичар присуствувале повеќе од 400.000 луѓе, пренесе БТА.

Анант Синг, кој од 2005 година е пратеник во Законодавното собрание на Бихар, има значително влијание врз политичкиот живот во државата, и покрај тоа што се соочува со бројни правни истраги – вклучително и такви поврзани со убиства. За свадбата на ќерка сѝ, Синг организирал огромна прослава, поканувајќи цели села, свои бројни политички сојузници, како и претставници од различни општествени и професионални сфери. Бихар, инаку, важи за најсиромашната област во Индија.
Бројот на гости ги надминал очекувањата, предизвикувајќи невиден сообраќаен метеж во близина на Надаван – родното село на Синг, објави порталот „Вион” (Wion). Како што пренесе весникот „Тајмс оф Индија“ (Times of India), еден истакнат локален политичар, заглавен во метежот, бил принуден да го напушти својот автомобил и до прославата да продолжи со трактор, движејќи се низ околните полиња.
Биле ангажирани петстотини готвачи за да подготват богато вегетаријанско мени. Според извори блиски до домаќинот, понудата вклучувала 500.000 поединечни слатки и печива.
Поради големите размери на настанот, морала да биде откажана и планираната трка со 200 коњи. Организаторите не успеале да ја одржат трката поради насобраниот народ што се собрал да ја гледа свеченоста. Биле изградени и пет хелиодроми за да се овозможи пристигнувањето на гостите. Агенцијата „Прес траст оф Индија“ (Press Trust of India) објави видеоснимки каде што се гледаат групи луѓе качени на дрвја и столбови од електричната мрежа за да ја следат прославата.
Свадбите во Индија не се само важна традиција, туку и голем бизнис. Секоја година во земјата се склучуваат повеќе од 10 милиони бракови, а според проценките на консултантската куќа „КПМГ“, индустријата поврзана со свадбите остварува годишен промет меѓу 40 и 50 милијарди долари (36 – 46 милијарди евра).
ноември 27, 2026


