Connect with us

Свет

Невремиња и поплави погодија голем дел од САД, повеќе од 900.000 корисници без струја

Силни невремиња, обилни дождови, ветрови и поплави погодија голем дел од САД за време на Денот на благодарноста, нарушувајќи ги празничните патувања и оставајќи повеќе од 900.000 домаќинства и деловни објекти без електрична енергија.

За првпат во историјата, организаторите беа принудени да ја одложат и традиционалната парада „Мејси“ во Њујорк.

Според податоците на веб-страницата PowerOutage.us, која ги следи прекините во снабдувањето со електрична енергија, синоќа повеќе од 900.000 корисници биле без струја, најмногу во сојузните држави на Источниот Брег.

Според податоците на сервисот FlightAware, повеќе од 2.200 локални летови доцнеле, додека повеќе од 400 биле откажани.

Поројни дождови, ветрови и поплави зафатија делови од Источниот Брег, а вонредна состојба беше прогласена во Њу Џерси и во одделни делови на Њујорк. Метеоролошката служба издаде предупредувања за силен ветер од северна Џорџија, преку поголемиот дел од средноатлантските држави, па сè до јужниот дел на Нова Англија.

Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, изјави дека спасувачките екипи извлекувале луѓе од автомобили заглавени во поплавната вода. Силните ветрови и поплавите го нарушија железничкиот сообраќај, соборија дрвја и предизвикаа прекини на електричната енергија, додека неколку градежни скелиња се урнаа, но нема повредени лица.

Поплавите ги погодија подрачјата од Северна Каролина до Њу Џерси поради надојдената плима. Одделни патишта се затворени, а спасувачките екипи извлекуваа возачи од возила заглавени во водата. Администраторот на општината Авалон во Њу Џерси, Скот Џ. Вол, изјави дека тоа место се соочува со една од најтешките поплави во својата историја, иако ситуацијата не е споредлива со последиците од ураганот Сенди. Во блискиот Оушен Сити, во Њу Џерси, водата достигна длабочина од околу 30 сантиметри.

Одделни автопатишта и мостови беа привремено затворени поради невремето. Мостот-тунел преку заливот Чесапик во Вирџинија, долг речиси 29 километри, беше затворен неколку часа поради силен ветер, додека патот NC 12 во Северна Каролина, единствената сообраќајница што го поврзува островот Хатерас со копното, е затворен откако морската вода ги проби дините и го поплави коловозот.

Во Мериленд, речиси два милиони корисници на водоводната мрежа во окрузите Монтгомери и Принс Џорџ беа повикани да штедат вода поради повремените прекини во снабдувањето со електрична енергија. Полицијата во Балтимор затвори неколку улици откако бурата предизвика поплави во крајбрежните населби.

Бурите доведоа и до издавање неколку краткотрајни предупредувања за торнада, вклучувајќи и појава на ретко торнадо југоисточно од Сиетл, во сојузната држава Вашингтон.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера прогласи состојба на елементарна непогода на Флорида, како одговор на претходните поплави во кои беа оштетени стотици куќи и беа спасувани луѓе од водата. На прашањето дали сојузната влада ќе обезбеди помош поради бурите што го погодија Источниот Брег, Трамп рече дека ќе го разгледа тоа, наведувајќи дека постојат барања и од други подрачја.

Додека источниот и западниот брег беа погодени од дожд, ветер и поплави, обилни снежни врнежи зафатија делови од централните САД. Во Сент Луис, во Мисури, се измерени 18,5 сантиметри снег, а во местото Сент Џеневив 35,5 сантиметри. Во Венцвил, исто така во Мисури, се урна покривот на сала во која се одржуваат хокеарски натпревари и други активности на мраз. Според наводите на градските власти, објектот бил празен во моментот на уривањето, околу три часот наутро.

Во меѓувреме, рекордно високи плими и силни ветрови предизвикаа поплави долж пацифичкиот брег, од округот Хамболт на северот на Калифорнија до округот Вентура во близина на Лос Анџелес. Поради опасноста беа евакуирани одделни подрачја, а Националната метеоролошка служба предупреди дека таквите услови ќе се задржат и во текот на петок. 

Ad
Ad