Свет
Официјални изборни резултати во Нов Зеланд: Владејачката партија без мнозинство
На актуелниот премиер на Нов Зеланд, Кристофер Лаксон, му е потребен политички дебитант за да формира влада, покажуваат официјалните изборни резултати објавени денеска.
Партијата на можностите (Opportunity Party), предводена од Кјуле Вонг, ќе биде клучен фактор во следниот состав на парламентот на земјата, пренесе ДПА.
Врз основа на официјалните резултати, парламентот ќе биде зголемен од 120 на 130 пратенички места, бидејќи Националната партија на Лаксон и партијата на Маорите, Те Пати Маори (Te Pāti Māori), освоија повеќе мандати во изборните единици отколку што им следува според уделот на партиските гласови.
Според конечните резултати, за мнозинство се потребни 66 пратенички места. Десничарската групација и актуелна влада, составена од Националната партија, АКТ и „Нов Зеланд на прво место“ (New Zealand First), има 65 места. Левичарската групација на Лабуристичката партија, Те Пати Маори и Зелените имаат 58 места.
Партијата на можностите, со освоени седум мандати, би можела да соработува со десниот блок за формирање влада. Доколку не се постигне договор, би можело да се распишат нови избори. Партијата исто така би можела да се воздржи од гласање против коалицијата на десниот блок за да овозможи усвојување на законите.
Вонг изјави дека „сите опции се на маса“ кога станува збор за преговорите со другите партии.
– Мислам дека е навистина важно да се запамети дека во парламентот има седум партии и секој е одговорен да направи сè што може за да обезбеди стабилна влада – рече таа, додавајќи дека нејзината партија прво ќе разговара со Националната партија.
Партијата има повеќе црвени линии од кои нема да отстапи, наведе Вонг. Тие вклучуваат актуелниот министер за надворешни работи Винстон Питерс повеќе да не ја извршува таа функција, изработка на десетгодишен план за здравство, реформа на правилата за лобирање и изборни донации, како и забрана за риболов со влечни мрежи по морското дно.
– Нашите црвени линии се минималните услови за кои нема преговарање, а кои ги бараме за поддршка на малцинска влада или за коалициски договор. Сите опции се на маса, вклучително и останување во опозициските клупи – рече Вонг.
Пред изборите, Лаксон повеќепати ја исклучуваше можноста за соработка со центристичката Партија на можностите, која немаше освоено пратеничко место од нејзиното основање во 2017 година.
По објавувањето на конечните резултати, Лаксон изјави дека сега останува на Националната партија, АКТ, Нов Зеланд на прво место и Партијата на можностите да соработуваат и да формираат силна влада.
Тој рече дека формалните преговори сега можат да почнат, но предупреди дека би можеле да потраат извесно време.
– Но, да се направи тоа како што треба е многу поважно отколку да се заврши брзо – рече тој.
– На Новозеланѓаните им е потребна влада која е стабилна, која работи заедно и ќе го издржи целиот мандат. Граѓаните нема да ни бидат благодарни ако избрзаме со договор што ќе се распадне или ако повторно ги испратиме на гласање – додаде тој.
Лаксон истакна дека е јасно оти земјата сака поголема меѓупартиска соработка.
– Ја слушнав пораката и ќе ја пренесам во преговорите – нагласи тој.
Избирачите излегоа на гласачките места на 7 ноември, но прелиминарните резултати вечерта беа премногу тесни за да се прогласи победник и не ги вклучуваа речиси 485.000 специјални гласови.
Изборната комисија соопшти дека гласале помалку луѓе и оти стапката на запишани избирачи била пониска во споредба со претходните избори. Конечната излезност изнесувала 77,2 проценти, што е пад во однос на 78,2 проценти во 2023 година, додека конечната стапка на запишани избирачи била 92,9 проценти, наспроти 94,7 проценти во 2023 година.
Пред изборите, владата измени повеќе изборни закони, што предизвика критики во јавноста. Тоа вклучуваше затворање на избирачкиот список 13 дена пред денот на изборите наместо да се дозволи пријавување на самиот ден на гласањето, како и повторно воведување забрана за гласање на затвореници.
ноември 27, 2026

