Свет
„Политико“: САД го информирале НАТО дека го одложуваат планот за реорганизација на воените сили во Европа
САД ги информираа сојузниците во НАТО дека ќе го одложат презентирањето на планот за реорганизација на своето воено присуство во Европа, со што ќе го пречекорат рокот – 1 декември, изјавија двајца неименувани дипломати од алијансата.
Тие рекоа дека на завчерашниот состанок на претставници на земјите членки на НАТО, заменик-амбасадорот на САД, Скот Адкирк, им рекол на сојузниците дека Вашингтон нема да презентира анализа за распоредувањето на силите во Европа на време за состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО закажан за следната среда, објави „Политико“.
Анализата, објавена во јуни од американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, има цел да го разгледа обемот на американските сили во Европа вклучувајќи бројност на трупи, воениот пристап, како и правата за користење на базите и дозволите за прелет.
„Сè уште се надеваме дека ќе го исполниме рокот од 1 декември, барем во однос на тоа Хегсет да ја добие својата конечна анализа“, изјави претставникот на Пентагон, Елбриџ Колби, во Брисел минатата недела.
Дипломатите додадоа дека САД не навеле нов датум за објавување на реорганизацијата на своето воено присуство.
Една од причините за одложувањето е тоа што сè уште се разгледуваат разни понуди од сојузниците за обезбедување воени капацитети за замена на постојната опрема и сили на Вашингтон. САД моментно имаат речиси 80.000 војници во Европа, претежно во Германија, Италија и Обединетото Кралство.
ноември 27, 2026


