Култура
Јуна Ли и Кенет Клецјен на концерт на „Охридско лето“ во Скопје
Корејско-американската сопранистка Јуна Ли и пијанистот Кенет Клецјен на 4 декември ќе одржат концерт во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје. Настапот е дел од дополнителната концертна понуда на „Охридско лето“, надвор од официјалната фестивалска програма.
Јуна Ли е меѓународно призната оперска уметница, особено позната по улогата на Чо-Чо-Сан во операта „Мадам Батерфлај“ од Пучини, која ја има изведено речиси 200 пати. Се образувала на Џулијардската школа во Њујорк, а настапувала со реномирани оперски куќи, меѓу кои Метрополитен операта и Вашингтонската национална опера. Нејзин сопруг и музички партнер е пијанистот Кенет Клецјен, кој студирал на Конзерваториумот при Колеџот Оберлин и на Џулијардската школа.
Намерата на организаторите е концертите во текот на целата година да прераснат во традиција, како израз на благодарност до публиката и поддржувачите на фестивалот, но и како можност за продолжување на средбите со врвни уметници и надвор од фестивалските денови.
– Со овие концерти сакаме да покажеме дека „Охридско лето“ не живее само во текот на фестивалските денови, туку дека нашата мисија продолжува во текот на целата година. На овој начин ја прошируваме нашата концертна дејност, отвораме можности за нови уметнички соработки и ѝ овозможуваме на публиката да ужива во настапите на еминентни музички имиња, надвор од летниот период. Особено ни е важно оваа иницијатива да прерасне во традиција и „Охридско лето“ да продолжи да биде значаен дел од културниот живот и во текот на годината, вели директорот на „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Посебно значење на концертот му дава и изведбата на дела од американски композиторки, кои премиерно ќе бидат претставени пред македонската публика. Со вклучувањето на нивното творештво во програмата, „Охридско лето“ ја истакнува важноста на родовата инклузивност во класичната музика, отвора простор за поголема видливост на жените-композиторки и придонесува за афирмација на разновидни современи музички изрази.
– Особено ни е важно што со овој концерт пред македонската публика премиерно претставуваме и дела од американски композиторки, како определба да ја истакнеме родовата инклузивност во класичната музика. Со тоа сакаме да ја збогатиме понудата за публиката и да поттикнеме интерес за творештвото на авторки чии дела заслужуваат да бидат почесто присутни на концертните сцени, додава Цуцковски.
Концертната година на „Охридско лето“ ќе биде заокружена на 7 декември во Охрид, со предновогодишен концерт како музички подарок за градот и охриѓани. На сцената ќе настапат бугарската сопранистка Илина Михајлова и италијанскиот пијанист и композитор Франческо Барбагелата
ноември 26, 2026


