Connect with us

Општини

Со заупокоена архиерејска литургија на Плаошник одбележани две години од упокојувањето на митрополитот Тимотеј

Со заупокоена архиерејска литургија отслужена во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник денеска беа одбележани две години од упокојувањето на митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј.

Со литургијата чиноначалствуваше актуелниот митрополит дебарско-кичевски Георгиј, а по нејзиното завршување на гробот на митрополитот Тимотеј беше отслужен парастос во негов спомен.

Митрополитот Тимотеј почина на 25 ноември 2024 година, по кусо боледување, на 73-годишна возраст. Погребан беше на 28 ноември во јужната апсида на храмот „Свети Пантелејмон“ на Плаошник.

Владиката Тимотеј беше роден на 20 октомври 1951 година во Младо Нагоричане, Кумановско. Монашкиот потстриг го прими во 1981 година, во манастирот „Свети Јован Крстител“ – Бигорски, а истата година беше ракоположен за јероѓакон и јеромонах, по што бил произведен во архимандрит.

За епископ на Македонската православна црква беше хиротонисан во црквата „Свети Димитриј“ во Скопје. Од 1995 година до крајот на животот раководеше со Дебарско-кичевската епархија како нејзин митрополит. Претходно ја предводеше Австралиската епархија, а извршуваше и други одговорни црковни функции, меѓу кои секретар на Светиот архијерејски синод, администратор на Повардарската епархија и портпарол на Синодот на МПЦ.

Ad
Ad