Регион
Мирен и масовен протест во Атина во рамките на штрајкот на вработените во државниот сектор во Грција
Дајте пари за плати, здравство и образование, а не за војни“; „Штрајкуваме за достоинство во животот и на работните места“; „Да се стави крај на осиромашувањето“; „Вратете ги 13-та и 14-та плата“; „Работни места и зголемувања на платите, а не војни“; „’Не’ за распаѓањето на јавното образование“, беа дел од слоганите на двата одделни протести во центарот на Атина, организирани од Синдикатот на вработените во државниот сектор (АДЕДИ) и од Синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија, а поддржан и од низа федерации, работнички центри и синдикати – јави дописничката на МИА од Атина.
Протестите, со учество на вработените во јавниот сектор, просветните и здравствените работници, студентите и учениците, завршија мирно и без никакви проблеми, а според процените на грчката полиција, учествуваа речиси 15.000 лица.
Со оглед на тоа што денешниот штрајк се совпадна со Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, демонстрантите упатија порака и за заштита на жените и побараа мерки од државата.
Некои од демонстрантите за МИА рекоа дека работниците и работничките најдобро ги познаваат сопствените потреби, па затоа и од владата бараат исполнувања на сите барања и подобри услови во низа области.
Вработена во атинска државна болница вели дека актуелната грчка влада уништи сè и јавните институции треба да им служат на потребите на граѓаните.
– Бараме оваа влада да падне. Сметаме дека станува збор за влада која е одговорна за смртни случаи, особено во болниците во кои работиме, поради кратењата на средствата. Денеска е и Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените. Затоа ова е двојно значаен ден. Социјалната заштита е уништена, како и јавните установи, детските градинки и училиштата – посочи таа.
Вработените во државниот сектор бараат зголемување на платите, нови вработувања и државата да издвојува средства за потребите на граѓаните, а не за војните.
– Сега се подготвува буџет со кој ќе се издвојат уште повеќе пари за воените трошоци – посочува вработениот во државниот сектор за МИА.
Музичари, членови на Грчкото музичко здружение, на протестот дојдоа со своите инструменти, а пред Грчкиот парламент отсвирија неколку композиции.
Во протестот и овој пат учествуваа и анархистите со свој блок на крајот од поворката и како што е пракса, со цел да се избегнат инциденти и проблеми, беа придружувани од силно полициско обезбедување.
Од протестите не изостанаа и палестинските знамиња, а демонстрантите изразија „поддршка за палестинскиот народ“ и побараа „слобода за Палестина“.
Протестите, како во Атина така и во другите грчки градови, беа во рамките на 24-часовен штрајк на Синдикатот на вработените во државниот сектор (АДЕДИ) и Синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија, поддржан и од низа федерации, работнички центри и синдикати,
Организирани преку нивните здруженија и федерации, во штрајкот учествуваат просветните работници, лекарите, болничарите, медицинските сестри, студентите, учениците.
Бродовите и траектите денеска се закотвени во пристаништата, а проблеми има во јавниот превоз во Атина, со оглед на тоа што со неколкучасовни прекини учествуваат и вработените во метрото и трамваите и конкретните превозни средства сообраќаат од девет до 18 часот.
Воздушниот сообраќај се одвива непречено иако Федерацијата на здруженијата на Службата за цивилно воздухопловство претходно најави 24-часовен штрајк, но, според медиумите, беше прогласен за незаконски по тужбата поднесена од Службата за цивилно воздухопловство пред Основниот суд во Атина.
Во штрајкот овој пат не учествува Синдикатот на вработените во приватниот сектор (ГСЕЕ), па затоа и не станува збор за генерален штрајк.
Следниот собир на грчките синдикати се очекува да биде на средината на декември кога во Грчкиот парламент ќе се гласа државниот буџет за 2027 година.
ноември 25, 2026

