Забава
Австралискиот речник „Маквори“ го прогласи изразот – „Воајерски очила“ за збор на годината за 2026
Австралискиот речник „Маквори“ го прогласи изразот „воајерски очила“ за збор на годината за 2026 година, оценувајќи дека претставува концизен одраз на состојбата во светот во 2026 година. Терминот се однесува на паметни очила со вградени камери и асистенти со вештачка интелигенција, како што се моделите на компанијата „Мета“, од серијата „Реј-Бен“.
Нивната употреба предизвика бројни контроверзии поради загриженоста дека овие уреди би можеле да се користат за фотографирање, видеоснимање и аудиоснимање лица без нивно знаење или согласност.
Владите и компаниите разгледуваат можности за воведување ограничувања за употребата на овој вид уреди кои веќе го привлекоа вниманието на европските регулаторни институции, надлежни за заштита на приватноста, како и на одделни законодавци. Меѓу оние кои ја забранија нивната употреба се судовите во Англија додека пак, операторите на кината во Велика Британија размислуваат за воведување забрана за нивно користење во киносалите.
Според комитетот на експерти задолжени за речникот, изразот „воајерски очила“ најдобро ја отсликува годината во која уредите со ВИ бележат забрзан технолошки развој, додека, истовремено сè погласни стануваат барањата за нивна ограничена употреба.
„Од една страна, бевме сведоци на брзиот развој на уредите базирани на ВИ, а од друга страна пак, повикот за сопирање на нивниот навидум неконтролиран развој“ се наведува во образложението на комитетот. Во соопштението се посочува и дека изборот на овој термин ја отсликува годината на вештачката интелигенција, маносферата, односно интернет заедници поврзани со машките движења и идеологии, како и со сè поизразениот надзор во супермаркетите и другите јавни простори.
– Овие нови уреди можеби се рекламираат како паметни очила или очила со камера, но сметаме дека изразот „воајерски очила“ многу подобро ја отсликува годината зад нас, соопштува комитетот.
Меѓу изразите што влегоа во потесниот избор за „Збор на годината“ се најде и „nudify“ кој се однесува на употреба на ВИ за создавање порнографска содржина врз основа на фотографии на вистински лица, како и „AI; DR“, кратенка од англискиот израз „AI; didn’t read“, што значи „ВИ – не прочитав“.
Комитетот посебно го издвои и терминот „agentic“, кој се користи за опишување на вештачката интелигенција способна самостојно да извршува задачи и да донесува одлуки. На листата се најде и „PMOS“, кратенка за синдромот на полицистични јајници поврзан со метаболички и ендокрини нарушувања, кој претходно беше познат под кратенката „PCOS“.
Во категоријата „Изрази избрани од јавноста“, посебно признание му припадна на терминот „дигитална деменција“, колоквијален израз со кој се опишува загриженоста поради преголемата употреба на ВИ уредите при извршување на секојдневните активности, вклучувајќи ги и паметењето обврски, задачи и планови.
Месецов претходно, речникот на Кембриџ го прогласи зборот „човек“ за збор на годината, исто така посочувајќи ја сè поголемата загриженост на народот поради ВИ. Речникот „Колинс“ за „Збор на годината го избра изразот „mogging“, додека пак, „Dictionary.com“ ова признание му го додели на терминот „maxxing“.
Двата израза се дел од современиот онлајн сленг на генерацијата З и се користат во различни контексти за време на комуникацијата на социјалните мрежи.
ноември 25, 2026


