Свет
Во Казахстан предложена целосна забрана за производство, увоз и продажба на енергетски пијалаци
Казахстанскиот пратеник Максут Насибулов предложи да се разгледа можноста за целосна забрана на производството, увозот и продажбата на енергетски пијалаци во земјата.
Toj истакна дека Казахстан веќе ја забранил продажбата на енергетски пијалаци за лица помлади од 21 година и вовел акцизи за овие производи, но оти и покрај преземените мерки, проблемот продолжува да се продлабочува.
– Според податоците на Здружението на производители и увозници на енергетски пијалаци, во 2023 година во нашата земја биле продадени 215 милиони литри енергетски пијалаци, а до 2025 година таа бројка достигнала 355 милиони литри, што претставува раст од 65 отсто за две години – изјави Насибулов.
Дополнително, аналитичарите на меѓународната компанија „Статиста“ (Statista) проценуваат дека вредноста на пазарот на енергетски пијалаци во Казахстан во 2025 година достигнала 93 милиони американски долари.
Пратеникот нагласи дека државната политика во оваа област не треба да се ограничува само на превентивни мерки и на возрасни ограничувања.
– Во нејзината основа треба да бидат објективната процена на потенцијалните ризици за јавното здравје, научно заснованото регулирање на пазарот и давањето предност на јавното здравје пред комерцијалните интереси на производителите. Токму затоа енергетските пијалаци не можат да се третираат на ист начин како обичните овошни сокови или компоти. Европската агенција за безбедност на храната изрично наведува дека дури и 100 милиграми кофеин дневно можат да го нарушат сонот. Кога на оваа количество кофеин ќе се додадат високата содржина на шеќер и другите стимулативни состојки, се добива темпирана бомба – изјави тој.
Како пример, пратеникот посочи неколку случаи на сериозни здравствени проблеми поврзани со прекумерното консумирање енергетски пијалаци, меѓу кои и случајот во Павлодар, каде што 20-годишен маж бил примен на одделението за интензивна нега со тешка срцева слабост. Според медиумските извештаи, во текот на две години тој консумирал до четири лименки енергетски пијалак дневно, по што лекарите му дијагностицирале токсична кардиомиопатија.
ноември 25, 2026


