Connect with us

Сцена

Бендот „Металика“ донираше 200.000 долари за помош на загрозените семејства во Невада

Американскиот хеви метал бенд „Металика“ донираше 200.000 долари за две хуманитарни организации во Невада, по завршувањето на првиот дел од концертната серија „Лајф Бернс Фастер“ во арената „Сфер“, во Лас Вегас.

Во рамки на концептот „Но рипит викенд“ (No Repeat Weekend), легендарната група со различен репертоар секој викенд, ја заокружи првата серија настапи почнати минатиот месец. Групата повторно ќе се врати на сцена од јануари, со што ќе ја продолжи веќе започнатата концертна серија до март.

По тој повод бендот одлучи да донира 200.000 долари за поддршка на локалните заедници и луѓето на кои им е потребна помош. Првата донација од 100.000 долари е наменета за хуманитарната организација „Сејф-Нест“ која дава поддршка за жртви на семејно насилство, вклучително и деца.

Од организацијата изразија голема благодарност за донацијата што според нив ќе им пружи подобра иднина на децата.

„Многу сме благодарни за донацијата. Пред сè затоа што средствата ќе помогнат многу во процесот на закрепнување на децата жртви на семејно насилство, а со тоа ќе им се пружи и подобра иднина“, велат од „Сејф-Нест“. Воедно, ќе овозможат и двегодишно финансирање на програмите за поддршка и заштита на децата во нашиот нов центар „Ван Сејф Плејс“, откриваат тие.

Со парите од донацијата ќе бидат финансирани неколку конкретни програми, меѓу кои и неделната едукативна програма „Хоуп Керикјулум“, како и едногодишната програма „Патвејс ту Хоуп“ наменета за деца од 7 до 17 години, вклучувајќи ги и нивните семејства.

Преостанатите 100.000 долари беа донирани на организацијата „Д Џаст Ван Проджект“, преку фондацијата „Ол Визин Мај Хендс“, во сопственост на бендот.

Ова не е прва хуманитарна акција на бендот. Тие, преку програмата „Металика Сколарс Инишитив“, почната од 2019 година, обезбедиле помош на 1.000 студенти од семејства во тешка материјална состојба од Лондон.

Бендот повторно ќе настапи на 28 јануари во арената „Сфер“, кога ќе почне последниот дел од серијата која ќе опфати уште 12 концерти.

Ad
Ad