Регион
в.д. Претседателот на Србија Александар Чупиќ нема да присуствува на самитот ЕУ – Западен Балкан
Новоизбраниот претседател на српскиот парламент и вршител на должноста претседател на Србија Александар Чупиќ, нема да учествува на самитот ЕУ – Западен Балкан, што ќе се одржи утре во Брисел, објави регионалната телевизија Н1, повикувајќи се на соопштение на Делегацијата на ЕУ во Белград.
Чупиќ изразил жалење што нема да може да присуствува на средбата за време на разговорот со новоименуваниот амбасадор на ЕУ во Србија Џулијан Васало. Минатата недела беше објавено дека Чупиќ ќе учествува на самитот закажан за 25 ноември, што требаше да биде негова прва официјална посета на Брисел во својство на новоизбран претседател на Собранието.
За време на средбата со Васало и со претставници на Делегацијата на ЕУ во Белград, одржана во резиденцијата на ЕУ на првиот целосен работен ден на Чупиќ на новата функција, присуствувале и претставници на студентското движење.
Чупиќ повторно ја потврдил важноста што новите власти во Србија ѝ ја придаваат на соработката со Европската Унија и истакнал дека односите со ЕУ и напредокот во клучните реформски области остануваат меѓу неговите главни приоритети, објави Н1, повикувајќи се на соопштението од Делегацијата на ЕУ.
Разговорите биле посветени на европскиот пат на Србија и следните чекори во процесот на пристапување кон ЕУ, при што посебен акцент бил ставен на улогата на српскиот парламент во спроведувањето на суштинските реформи.
Посебно внимание било посветено на владеењето на правото и на поглавјата 23 и 24 од преговорите за пристапување кон ЕУ, кои се однесуваат на правосудството и основните права, односно на правдата, слободата и безбедноста.
Учесниците во разговорот ја истакнале важноста на зајакнувањето на демократските институции, гарантирањето на независноста на судството, унапредувањето на слободата на медиумите и подобрувањето на комуникацијата со јавноста во процесот на интеграција во ЕУ, се наведува во соопштението. Тие се договориле да одржат и дополнителни технички разговори за други сектори, особено во областите на образованието, енергетиката и животната средина.
Претставниците на Европската Унија ја потврдиле својата посветеност на процесот на проширување и поддршката за Србија на нејзиниот европски пат, нагласувајќи ја потребата од продолжување на реформите за да се постигне напредок во преговорите за пристапување.
ноември 25, 2026


