Технологија
Маск е меѓу 175.000 луѓе кои бараат Хуанг да се врати за извршен директор на „Енвидија“
Илон Маск е еден од многуте технолошки лидери и инвеститори кои бараат поранешниот шеф на „Енвидија“ (Nvidia), Џенсен Хуанг, да биде вратен на својата позиција, јавува ДПА.
Овие барања доаѓаат само четири дена откако поранешниот извршен директор поднесе оставка од гигантот за производство на чипови, по скандалот поврзан со вонбрачни афери, вклучително и наводи за врска со кинеска шпионка.
Повеќе од 175.000 потписници ја поддржаа кампањата „Застани зад Џенсен“ („Stand with Jensen“) барајќи од управниот одбор на компанијата да го врати поранешниот шеф додека трае независната истрага.
Илон Маск, извршен директор на „Тесла“ и „СпејсИкс“, како и Тим Свини, основач и извршен директор на издавачот на видеоигри „Епик Гејмс“ (Epic Games) се меѓу истакнатите личности во индустријата кои го поддржаа отвореното писмо со повик за негово враќање.
Меѓу другите значајни поддржувачи се и шефот на „ Шопифај“ (Shopify), Тобијас Литке, како и коосновачот на „Убер“ (Uber), Травис Каланик.
Во својата изјава за поддршка, Каланик изјави: „Тој направи грешка, да – човечки е да се греши – но не верувам дека она што го направил е доволна причина за негово отстранување од компанијата“.
Според организаторите на кампањата, писмото го потпишале и повеќе од 8.000 вработени во „Енвидија“, пренесува германската агенција.
„Енвидија“ во четвртокот објави дека Хуанг поднел оставка од функциите претседател и извршен директор, со моментално стапување на сила, и дека повеќе не е дел од управниот одбор. Неговата улога привремено ја презема финансиската директорка Колет Крес.
Хуанг се соочи со притисок да поднесе оставка откога се појавија информации дека имал афера со поранешна раководителка во компанијата „Мегаспид“ (Megaspeed), за која постоело сомневање дека е агент на кинеската влада.
„Њујорк тајмс“ исто така објави дека тој имал уште една вонбрачна афера, овој пат со вработена во „Енвидија“ која била под негова директна надлежност, потсетува ДПА.
ноември 17, 2026


