Connect with us

Свет

Во емисијата на Елтон Џон, кралот ја одбележа 50-годишнината на својата добротворна организација

Британскиот крал Чарлс му се придружи на Елтон Џон во специјално издание на радиоемисијата на пејачот – „Рокет аур“ (Elton John’s Rocket Hour), на платформата „Епл мјузик” (Apple Music), по повод одбележувањето на 50-годишнината од основањето на „Кралскиот фонд“ (The King’s Trust) и за да им оддаде почит на музичарите кои ја поддржуваат оваа добротвoрна организација за млади, соопшти Бакингемската палата. Епизодата од емисијата, снимена во новите радио-студија на „Епл“ во Лондон, ќе биде емитувана утре – 14 ноември, на 78. роденден на кралот Чарлс Трети.

„Рокет аур“ е неделна емисија којашто од 2015 година се емитува ширум светот на платформата „Епл мјузик 1“. Додека сè уште беше принц од Велс, монархот го основаше „Принцовиот фонд“ (The Prince’s Trust) – користејќи ги средствата што ги добил при заминувањето од Кралската морнарица, со цел да им помогне на младите луѓе во неповолна положба да се подготват за пазарот на трудот, да најдат вработување или да почнат со сопствен бизнис. По неговото стапување на престолот, организацијата беше преименувана во „Кралски фонд“; според изворни податоци, досега се поддржани повеќе од еден милион млади луѓе.

„Музиката отсекогаш била во срцето на „Принцовиот фонд“, а сега и на „Кралскиот фонд“. Оваа емисија претставува можност да се истакнат, како изведувачите кои го поддржувале „Фондот“, така и помладите уметници на кои тој им помогнал на почетокот на нивните кариери“, изјави кралот.

Во емисијата, тие се потсетија на разните добротворни концерти – од рок-спектаклите на „Вембли арена“ во 1980-тите, па сè до настапите во „Хајд парк“ и „Ројал Алберт хол“. Меѓу нив е и британскиот рок-бенд „Мјуз“ кои, во времето кога сè уште настапуваа под своето претходно име, „Рокет бејби долс“, добија финансиска помош за набавка на музичка опрема. Според наводите, во 2018 година, групата одржа концерт пред распродадена сала во „Ројал Алберт хол“, наменет токму за поддршка на оваа фондација.

„Кога поддржувате млад уметник и му покажувате дека верувате во него, тоа прави огромна разлика. Младите луѓе се нашата иднина“, додаде Џон.

Во 2021 година, во замокот Виндзор, музичкиот ветеран доби признание од тогашниот принц од Велс за неговиот придонес во музиката и добротворната дејност. Како еден од најпродаваните музичари на сите времиња – со хитови како „Рокетмен“ (Rocket Man), Елтон Џон беше прогласен за витез од страна на кралицата Елизабета во 1998 година.

Ad
Ad