Connect with us

Сцена

Кејт Мидлтон: Престојот во природа ми помогна во борбата против ракот

Британската принцеза Кејт Мидлтон од Велс, откри дека природата одиграла значајна улога во нејзиниот процес на закрепнување од ракот, истакнувајќи дека патот кон заздравувањето не е праволиниски и дека подразбира добри и лоши денови. Според неа, одморот, времето посветено на размислување и поврзаноста со природата се подеднакво важни во овој процес.

Во интервју за британскиот неделен магазин „Кантри Лајф“ (Country Life), 44-годишната принцеза се осврна на личното искуство за борба со ракот, кој ѝ беше дијагностициран во јануари 2024 година. Таа истакна дека престојот во природа ѝ помогнал повторно да воспостави подлабока поврзаност со сопственото тело, ум и дух.

– Во болница ми рекоа дека моето закрепнување нема да биде праволиниско. Ќе има добри и лоши денови и ќе биде потребно време. Така е и во природата, изјави принцезата, посочувајќи дека природата нè учи дека периодите за одмор, размислување и обновување се подеднакво важни како и моментите на раст и напредок.

Кејт нагласи дека времето поминато во природа ѝ овозможило повторно да се поврзе со себе и да воспостави подлабока рамнотежа меѓу умот, телото и духот.

– Природата не бара ништо од нас. Не нè осудува и не очекува да постигнеме нешто. Едноставно ни дозволува да бидеме она што сме. За мене таа навистина беше прибежиште и место на кое инстинктивно сакав да одам, посоветува таа, предупредувајќи дека иако болеста носи бројни физички предизвици, психичката состојба, исто така игра значајна улога.

Според мене, науката денес го потврдува она што луѓето одамна интуитивно го знаат и го чувствуваат, дека природата и човековата благосостојба се тесно поврзани.

– Луѓето отсекогаш барале прибежиште во природата без разлика дали станува збор за плажа која нуди можност за закрепнување, природа која носи мир и поширока перспектива или планини кои овозможуваат да се повлечете во осаменост, рече принцезата од Велс.

Таа додаде дека закрепнувањето не е исклучиво индивидуално искуство, туку и колективен процес во кој значајна улога имаат заедницата, меѓусебната поддршка и поврзаноста со другите луѓе. Според неа, поддршката од околината и чувството на припадност се важни делови од животниот процес на соочување со тешките искуства и повторното враќање кон секојдневието.

Кејт Мидлтон порача дека една од најважните животни лекции што ги научила е потребата да поминуваме квалитетно време со луѓето што ни значат, да застанеме за момент и да обрнеме внимание на светот околу нас.

– Токму затоа природата ми е толку важна. Таа е тивок учител. Понекогаш, кога животот е многу бучен, токму таков учител ни е најпотребен, заклучи Кејт.

Кејт Мидлтон во јануари 2024 година јавно изјави дека ѝ бил дијагностициран рак, по што започна со лекување. Во септември истата година објави дека ја завршила хемотерапијата, а во јануари 2025 година соопшти дека болеста е во ремисија. 

Ad
Ad