Свет
Бројот на жртвите во Краков се зголеми на шест; напаѓачот е 25-годишен Полјак
Бројот на загинатите во нападот во Краков се зголеми на шест, а повредени се 15 лица, од кои 12 се во тешка состојба, објавија полските медиуми. Меѓу повредените има и двајца полицајци.
Полскиот премиер Доналд Туск најави дека ќе го посети градот.
Инаку, напаѓачот со автомобил влегол на Главниот плоштад во Краков и почнал со долгоцевно оружје да пука кон случајните минувачи. Тој бил ранет во судир со полицијата и е пренесен во болница.
Напаѓачот од Краков е 25-годишен полски државјанин, објави полскиот информативен портал „Онет“, повикувајќи се на портпаролката на полицијата во Краков, Катажина Число.
Напаѓачот бил облечен во воена облека и немал документи за идентификација со себе, но полицијата успеала оперативно да го утврди неговиот идентитет. Во неговиот автомобил биле пронајдени дополнителни оружје и муниција.
Полицијата ги демантираше тврдењата дека во нападот учествувало и второ лице. Претходно вечерва, помладиот наредник Јакуб Мирочна од полицијата во Краков за Полската новинска агенција (ПАП) изјави дека, според првичните информации, нападот на Главниот плоштад го извршиле две лица.
ноември 8, 2026


