Свет
Француските ученици и наставници повикаа на нов штрајк за поголеми инвестиции во образованието
Ученичките и наставничките здруженија во Франција повикаа на нов штрајк следниот вторник, оценувајќи дека е потребно да продолжи притисокот врз владата за да се издејствуваат поголеми инвестиции во образованието.
Во заедничкото соопштение на синдикатите што ги обединуваат наставниците и учениците се наведува дека нивното движење „е во силна позиција, додека владата е во слаба позиција и почнува да попушта“, пренесува „Фигаро“. Во соопштението се нагласува дека „сега е моментот мобилизацијата да се прошири, а притисокот врз владата да продолжи“.
Повикот за нов штрајк доаѓа додека низ Франција денеска, четврта сабота по ред, се одржуваат протести против високите трошоци за живот, на повик на синдикалните организации и младинските движења, како и на движењето „Жолти елеци“.
Поради протестите, во земјата се мобилизирани околу 70.000 полицајци и жандарми, а во Париз властите очекуваат меѓу 40.000 и 60.000 демонстранти. Како што пренесува телевизијата БФМ, повикувајќи се на безбедносен извор, во француската престолнина се очекува присуство на стотици радикални активисти.
Како и во претходните недели, полициските управи забранија одржување протести во централните делови на градовите, кои ќе бидат под постојано обезбедување, се наведува во соопштението на министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез.
ноември 8, 2026


