Вести
Сиљановска-Давкова се сретна со алумни на „Харвард“: Разговарале за глобалните кризи, демократијата и младите
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими група алумни на Универзитетот „Харвард“, кои престојуваат во земјата во рамките на студиско патување на Балканот. Во разговорот гостите ја запознале претседателката со досегашните посети во регионот и со престојот во земјата, во чии рамки се запознале со културно-историските знаменитости и со современите општествени текови.
Сиљановска-Давкова, како што соопшти нејзиниот Кабинет, го поздравила нивниот интерес за македонското минато и сегашност, како и за нејзиното професорско и политичко мислење за горливите прашања истакнувајќи дека ваквите посети се драгоцена можност за размена на знаења и искуства, проверка на сопствените ставови и учење едни од други.
Таа ги презентирала своите видувања за светската безбедносна, економска, енергетска, но и етичка и морална криза, со посебен акцент на европската, укажувајќи на реалната опасност од продлабочување на внатрешните поделби по разни основи, но и на регионалните и меѓународните судири, поради растечката мултиполарност, но и засилените авторитарни и олигархиски тенденции, дури и во држави со вековна демократска традиција, забрзаната милитаризација и маргинализација на меѓународните организации, како ООН, формирани во духот на мултилатерализмот.
Одговарајќи на прашањата на гостите за причините за насилните протести во многу држави, Сиљановска-Давкова укажала на загрозеноста на социјалниот карактер на многу држави во амбиент на растечката криза, на продлабочувањето на јазот меѓу богатите и сиромашните, на очигледното зголемување на апатијата, безнадежноста и насилството, особено меѓу младите.
Потенцирајќи го значењето на меѓународните контакти и соработка, претседателката ги посочила образовниот, научниот и професионалниот капацитет на македонската дијаспора како недоволно искористни развојни потенцијали.
Како универзитетска професорка, таа ја истакнала вредноста на академскиот дијалог во проширувањето и тестирањето на знаењето, откривањето и дијагностицирањето на состојбите, како и во надминувањето на проблемите.
октомври 27, 2026


