Вести
Мицкоски: Целта е јасна – да бидеме земја во која трудот се почитува, знаењето се вреднува, а работата обезбедува достоинствен живот
Националната програма за достоинствена работа 2026 – 2030 претставува заедничка обврска на Владата, работодавачите, синдикатите и институциите за унапредување на условите на пазарот на труд, обезбедување квалитетни работни места и поголема заштита на работничките права – порача денеска премиерот Христијан Мицкоски на свеченоста по повод потпишувањето на програмата.
Како што соопштуваат од Владата, Мицкоски истакна дека програмата е насочена кон надминување на предизвиците со кои се соочува државата, меѓу кои недостигот од квалификувана работна сила, иселувањето на младите, недоволната продуктивност и неусогласеноста меѓу образовниот систем и потребите на стопанството. Според него, целта е економскиот раст да се преточи во подобар животен стандард за граѓаните и отворање квалитетни и добро платени работни места.
– Денешното потпишување на Националната програма за достоинствена работа за периодот 2026 – 2030 година го гледам како важна заедничка обврска. Обврска на Владата, на работодавачите, на синдикатите и на сите институции што имаат одговорност за иднината на македонската економија. Нашата цел е јасна: да бидеме земја во која трудот се почитува, знаењето се вреднува, а работата обезбедува достоинствен живот – посочи Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата е определена за економски раст што директно ќе се одрази врз животниот стандард на граѓаните преку создавање услови за нови инвестиции и подобри можности за вработување.
– Ние сакаме економија што расте, но уште поважно, економија чиј раст го чувствуваат граѓаните. Сакаме повеќе инвестиции, но инвестиции што создаваат квалитетни и добро платени работни места. Сакаме успешни компании затоа што без успешни компании, нема силна економија. Но, истовремено сакаме и задоволни, заштитени и мотивирани работници. Овие две цели не се спротивставени. Напротив, тие се меѓусебно поврзани – рече премиерот.
Во обраќањето Мицкоски особено се осврна на младите и на потребата од создавање услови тие својата професионална иднина да ја градат во државата, како и на поголемото економско вклучување на жените на пазарот на труд.
Тој потенцира дека следниот период ќе биде посветен на реформи во трудовото законодавство, модернизација на институциите, зајакнување на инспекцискиот надзор и развој на вештини што ќе ја зголемат конкурентноста на економијата.
– Законите се важни. Програмите се важни. Меморандумите се важни. Но најважно е граѓаните да ги почувствуваат резултатите од нив. Работникот да почувствува поголема сигурност. Младиот човек да добие вистинска можност. Жената да има еднаква шанса за напредување. Работодавачот да има услови да инвестира, да создава и да отвора нови работни места. Тоа е суштината на нашата заедничка работа – нагласи Мицкоски.
Премиерот ја истакна и досегашната соработка со Меѓународната организација на трудот оценувајќи дека партнерството придонело за развој на механизмите за социјален дијалог, заштита на работничките права, унапредување на минималната плата и вработувањето на младите.
Според него, најголемото богатство на државата се луѓето и затоа клучна цел останува создавање услови секое работно место да нуди перспектива, достоинство и сигурност.
– Денес потпишуваме документ, но нашата вистинска обврска почнува утре – со неговото спроведување. Затоа што достоинствениот труд не е привилегија. Тој е право. А достоинствениот живот не смее да биде недостижна желба. Тој мора да биде реалност, реална можност за секој наш граѓанин – порача Мицкоски.

Организациите на работодавачите, синдикатите и Меѓународната организација на трудот (МОТ) денеска во Владата ја потпишаа Националната програма за достоинствена работа за периодот 2026 – 2030 потврдувајќи ја својата заедничка заложба за инклузивен економски раст, квалитетни и продуктивни работни места и посилни институции на пазарот на труд.
октомври 27, 2026


