Регион
Основачот на прокремљскиот проект „Рибар“ протеран од Црна Гора, тврди дека бил приведен поради снимање во манастир
Основачот на рускиот информативен проект „Рибар“, Михаил Звинчук, изјави дека Соединетите Американски Држави и земјите членки на Европската Унија не побарале негова екстрадиција, пренесе руската новинска агенција ТАСС.
Звинчук ова го изјави пред новинарите на аеродромот во Москва, веднаш по враќањето во Русија. Основачот на прокремљскиот проект, кој е фокусиран на известување за војната против Украина, беше приведен во Црна Гора пред два дена заедно со уште четворица руски државјани, по што сите петмина беа протерани од земјата.
– Додека бевме таму, беа испратени барања до Интерпол и Европол, но во суштина ние не претставувавме интерес за никого. Гласините дека сме посакувана цел за некого не се вистинити – изјави Звинчук, против кого Велика Британија веќе има воведено санкции.
Основачот на „Рибар“ истакна дека легално влегол во Црна Гора и дека граничните службеници при влезот покажале интерес за сè друго, освен за неговиот идентитет. Тој претпоставува дека главна причина за неговото приведување било барањето за снимање кадри во црногорски манастир.
„Кога почнавме да се занимаваме со толку чувствително прашање како црковниот раскол во Црна Гора, и тоа од културна гледна точка, се претворивме во закана за националната безбедност“, изјави Звинчук.
октомври 12, 2026


