Connect with us

Забава

Од Центарот за современа уметност во Исуар украдена е книгата „Откровение“ од 1958 година на уметничкиот издавач Жозеф Форе и Салвадор Дали

Од Центарот за современа уметност во Исуар, во регионот Пи-де-Дом, во централна Франција, украдена е книгата „Откровение“ (1958 година), со бронзена корица изработена од шпанскиот надреалист Салвадор Дали, а објавена од уметничкиот издавач Жозеф Форе“, соопшти Обвинителството од Клермон-Феран.

Станува збор за исклучително уникатно уметничко дело, украсено со злато, скапоцени камења и школки. Самата корица тежи околу 150 килограми, додека целото дело има околу 210 килограми.

Идејата за книгата е врз основа на текстот „Откровението на Свети Јован“, илустрирано на огромни пергаменти од 14 големи уметници и писатели од 20 век, меѓу кои биле Жан Кокто, Бернар Бифе и Жан Жионо.

Делото од 1961 до 1972 година било изложено на речиси 150 изложби ширум светот, по што му се губи трага. Најпрвин било чувано во Швајцарија, а потоа продадено на јапонски купувачи кои планирале да го продадат на аукција во делови, за во 2003 година да биде купено од Кристијан Каруцос, директор на компанија за реставрација на уметнички дела од Исуар.

Според достапните информации, „Откровението на Свети Јован“ во 1960 година била најтешката и најскапата книга во светот.