Свет
Унгарија ја поздрави најавата на Украина за зајакнување на правата на унгарското малцинство
Унгарија денеска ја поздрави одлуката на Украина да поднесе предлог-закон до парламентот со кој се зајакнуваат правата на унгарското малцинство во областа на образованието.
Долготрајниот спор околу правата на малцинствата ги влоши односите меѓу Будимпешта и Киев и ја загрози унгарската поддршка за амбициите на Украина да се приклучи кон Европската Унија.
„Предлог-законот ги зајакнува законските гаранции за образование на унгарски јазик и мрежата на образовни институции“, напиша премиерот Петер Маѓар на Фејсбук.
Наследникот на Виктор Орбан зазеде помалку конфронтациски став кон Киев, но, исто така, рече дека посилните права за приближно 100.000 етнички Унгарци во Украина се предуслов за поддршката на Будимпешта за пристапувањето на Украина во ЕУ.
Шефицата на унгарската дипломатија, Анита Орбан, која не е во роднинска врска со поранешниот премиер, денеска изјави дека украинскиот вицепремиер Всеволод Ченцов ја информирал дека предлог-закон за правата на образование ќе биде испратен до украинскиот парламент и дека се очекува одлука во текот на овој месец.
„Го поздравуваме овој чекор, на кој во последните недели му претходеа билатерални унгарско-украински разговори на професионално ниво и консултации со претставници на Закарпатската унгарска заедница“, напиша Орбан во објава на Фејсбук.
Овој потег следува по објавата на Маѓар во јуни дека Унгарија и Украина постигнале договор за јазичните, културните и образовните права на унгарското малцинство во Украина.
Потоа тој објави дека Унгарија ќе го поддржи отворањето на првиот кластер на украински преговори за пристапување штом Украина ги вклучи одредбите од тој договор во своето законодавство, пренесоа британските медиуми.
Меѓутоа, Маѓар постојано повторува дека неговата влада не поддржува забрзани преговори за членство за Украина.
октомври 3, 2026
