Свет
Почина втората жртва од нападот во словачко училиште: Братислава размислува за намалување на возраста за кривична одговорност
Ученикот кој во вторникот беше ранет од 13-годишен соученик вооружен со нож во училиште во северозападна Словачка, денеска им подлегна на повредите, со што бројот на жртвите од нападот се зголеми на две, соопшти словачкиот министер за образование.
Шеесет и едногодишна учителка почина од повредите уште на денот на нападот. Друга учителка, на 44-годишна возраст, беше ранета во градите за време на инцидентот во училиштето во селото Сташков, во близина на границата со Чешка, но нејзиниот живот не е во опасност.
Ученикот кој почина денеска, веднаш по нападот бил пренесен во болница во критична состојба поради голема загуба на крв.
Напаѓачот е уапсен и против него се води истрага за „убиство со умисла“, соопшти полицијата.
„Со длабока тага дознав дека ученикот од Сташков, кој беше ранет во нападот, почина од здобиените повреди“, напиша министерот за образование Томаш Друкер.
Министерот за внатрешни работи Матуш Шутај Ешток изјави дека полицијата добила пријава за меѓуврсничко насилство (булинг) од училиштето пет дена пред нападот, без да открие дополнителни детали. На новинарско прашање, министерот за образование одби да потврди дали нападот е директно поврзан со тој случај.
Тој исто така соопшти дека се разгледува законска реформа со која би се намалила границата за кривична одговорност, која во моментов во Словачка изнесува 14 години.
Вчера словачки суд осуди млад човек на 25 години затвор за убиство на соученик и учител, како и за тешко ранување на друг ученик со нож во напад што се случи во училиште во североисточна Словачка во јануари 2025 година. Во времето на извршувањето на делото тој имал 18 години.
Во 2020 година, исто така, учител беше смртно избоден со нож, а неколку други лица беа ранети во напад во основно училиште во централна Словачка.
октомври 2, 2026
