Connect with us

Свет

Естонија забрани транзит на руско и белоруско жито преку својата територија

Владата на Естонија денеска воведе забрана за транзит на житарици со потекло од Русија и Белорусија преку естонската територија, со цел да се спречи создавање нова извозна рута за руското жито, соопшти Министерството за надворешни работи во Талин.

Иако Русија и Белорусија досега практично не ја користеа Естонија за извоз на житарици, владата во Талин наведува дека со новата забрана ќе го оневозможи таквиот транзит и во иднина, пренесува естонскиот јавен сервис ЕРР.

– Русија ги напаѓа украинските пристаништа и го спречува украинското жито да стигне на светскиот пазар. Би било цинично да ѝ се дозволи истовремено своето жито да го извезува преку нашите пристаништа. Естонија тоа нема да го дозволи – изјави естонскиот министер за надворешни работи, Маргус Цахкна.

Тој наведе дека ставот на Естонија и претходно бил познат.

– Уште во септември рековме дека не треба да се прават планови за транспорт на руско жито преку Естонија. Сега на тоа ставаме точка и со државна санкција. Нема да ѝ ги ублажуваме на Русија последиците од војната која самата ја почна – рече Цахкна.

Според Министерството за надворешни работи, транзитот на руско жито преку Естонија досега практично не постоел, а забраната ќе обезбеди Естонија да не стане нова транзитна рута за руските земјоделски производи.

Планови за запирање на транзитот на руско жито преку својата територија претходно најавија и претставниците на Летонија и Литванија.

– Заедно со Летонија и Литванија работиме на тоа транзитот на руско жито да не биде можен преку пристаништата на балтичките држави. Балтичките земји не можат да дозволат преку нашите пристаништа да се поддржува руската воена економија – рече Цахкна.

Европската Унија во 2024 година воведе царини за руските и белоруските производи од житарици со цел да се запре нивниот увоз во ЕУ.