Свет
Грција го презема претседателството со Советот за безбедност на ОН
Во рамките на двегодишниот мандат како како непостојана членка на Советот за безбедност на ОН за периодот 2025 – 2026 година, Грција од денеска го презема, по втор и последен пат, претседателството со Советот за безбедност на Обединетите Нации, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, во интервју за радиото „Космос ФМ“ во неделата посочи дека во еден „многу критичен момент за глобалната безбедносна архитектура, за Грција е особена чест, но и голема одговорност, да претседава со Советот за безбедност во овој период“.
– Примарна улога ќе имаат активностите што се однесуваат на управувањето со големите отворени фронтови во Украина, во поширокиот регион на Блиски Исток и во Африка. Но, ќе имаме одговорност и за значајни настани во светот, како што се ситуацијата во Хаити, во Западна Сахара, во Колумбија и на други места. И, секако, имаме и еден исклучително важен момент – изборот на новиот генерален секретар на Обединетите нации. Улогата на претседавањето со Советот за безбедност е особено клучна во процесот на избор на новиот генерален секретар, посочи Герапетритис.
Објасни дека, по успешниот мандат на Гутереш, за Грција е многу важно да биде избран генерален секретар кој „ќе има волја да спроведе големи промени, да го зајакне меѓународниот мултилатерализам, да придонесе во зајакнување на правилата на меѓународното право наспроти силата и да му даде приоритетно значење, како што, впрочем, правеше и генералниот секретар Гутереш, на кипарското прашање и неговото решавање врз основа на резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации“.
Поморската безбедност и слободата на пловидба е уште една тема што, исто како и за време на првото претседавање на Грција во мај минатата година, така и сега се очекува да биде во фокусот, нешто што го спомена и самиот Герапетритис во неговиот говор во петокот на министерскиот состанок во Њујорк на Групата пријатели за безбедност и заштита на поморството и морнарите.
Шефот на грчката дипломатија потсети дека за време на првото претседавање со Советот за безбедност, во мај 2025 година, Грција свика отворена дискусија на високо ниво, со која претседаваше грчкиот премиер, на тема зајакнување на поморската безбедност преку меѓународна соработка.
– Поморската безбедност повторно ќе биде во фокусот за време на претстојното наше претседавање во октомври, додека продолжуваме со нашите напори за зачувување на слободата на пловидбата и зајакнување на координацијата и нашиот колективен одговор на заканите на море. Нашата посветеност останува јасна: слободата на пловидбата треба да се зачува, а безбедноста и заштитата на поморството и морнарите треба да се обезбедат во согласност со меѓународното право, а особено со Конвенцијата на Обединетите нации за правото на морето, посочи Герапетритис.
На почетокот на 2025 година започна двегодишниот мандат на Грција како непостојана членка на Советот за безбедност на ОН, трае до крајот на годинава, а во текот на мај минатата година беше и првото претседателство со Советот за безбедност.
октомври 1, 2026
