Connect with us

Култура

„Weaving“ – современ танцов перформанс во Младинскиот културен центар

Во Дансинг салата на Младинскиот културен центар во Скопје вечер во 21 часот ќе биде изведен совремниот танцов перформанс „Weaving“ на авторките и кореографки Адријана Данчевска-Ровчанин и Александра Петрушевска. Перформансот ќе има и втора изведба в сабота во Културно-информативниот центар во Битола. Претставата е во продукција на Танц Бункер – Платформа за независен танц.

„Weaving“  е дијалог меѓу две кореографски перспективи, во кој физичките и музичките форми се среќаваат, повторуваат, разградуваат и повторно се обликуваат.

-Како појдовна точка, авторките земаат ритуални обичаи од македонското културно наследство – традицијата на плетење коса и машкото оро „Тешкото“ – кои во претставата се реконтекстуализираат и фрагментираат, при што отвораат поинакво читање низ телото, неговите односи и присуството во просторот. Претставата ја брише границата помеѓу современиот танцов перформанс и концерт, изведени во живо, поврзувајќи ги движењето, звукот и непосредното присуство на изведувачите. Низ ритуалите на секојдневните навики, како танцување, слушање, одмор и траење, делото ги истражува односите меѓу телата и нивната поврзаност, но и редефинирање и ослободување од структурите што самите ги создаваат, се наведува во најавата. 

Погледите, копнежот, колебањето и желбата за преобразба се дел од поттекстот на „Weaving“  додека музичкиот слој е изграден преку деконструирани ритмички секвенци, тапани во живо и синтисајзерски звуци. Во таа поставеност, претставата се развива околу идејата за заедништво и истовремената потреба за промена одвнатре.

Перформансот е структуриран во два дела, создадени низ авторските перспективи на Данчевска-Ровчанин и Петрушевска. Во изведбата учествуваат Нина Петрушевска, Тереза Лазарев, Александра Петрушевска и Адријана Данчевска-Ровчанин, а музиката во живо ја изведуваат Александар Гроздановски на синтисајзери и Дарио Циевски на тапани. Дизајнот на сцена и костимографијата се на Ивана Мојсовска-Головски, додека видеото и фотографијата се на Марко Маријановиќ.