Connect with us

Свет

Агенцијата за основни права бара од државите на ЕУ дополнително да ги заштитат корисниците на ВИ од злоупотреби при надзорот

Државите на ЕУ треба да преземат дополнителни мерки за да ги заштитат луѓето од злоупотреби при употребата на вештачката интелигенција (ВИ) за надзор и да ја зголемат довербата на јавноста во институциите, се наведува во извештај на Агенцијата за основни права на ЕУ.

Препораката доаѓа во време кога полицијата воведува биометриска идентификација со помош на ВИ.

„За да изградат доверба во јавноста, органите за спроведување на законот треба да ги објават резултатите од проценките на влијанието врз основните права, со што би отишле чекор подалеку од она што го бара Законот за вештачка интелигенција“, соопшти Агенцијата задолжена за граѓанските слободи во ЕУ.

Како што објавува порталот „ЕУ Обсервер“, по собирањето податоци од седум земји-членки на ЕУ – Франција, Германија, Грција, Унгарија, Италија, Холандија и Ирска – Агенцијата предупреди дека неколку земји членки сè уште немаат воспоставено неопходни регулаторни рамки, иако веќе се воведуваат автоматизирани системи за идентификација преку лицето.

Далечинската биометриска идентификација сè повеќе се користи за споредување на биометриските профили на луѓето со бази на податоци или листи за следење, но со развојот на технологијата таа би можела да се користи и во реално време на јавни места.

„Со јасни заштитни мерки и независен надзор, далечинските биометриски технологии можат да го поддржат полициското работење без да ги поткопаат токму оние слободи што треба да ги штитат. На крајот, станува збор за доверба“, истакна директорката на ФРА, Сирпа Раутјо.